Унгарскиот премиер Петер Маѓар во објава на социјалните мрежи, изразувајќи сочувство до семејствата на настраданите, соопшти дека станува збор за странски државјани, без да наведе повеќе детали за нивната националност
Седум лица загинале, а две се повредени во сообраќајна несреќа што утрово се случила во Западна Унгарија, кога минибус што превезувал девет патници се судрил со камион кој стоел на патот поради претходна несреќа на автопатот М1, соопштила полицијата, пренесе Ројтерс.

Тешката сообраќајна несреќа што се случила во близина на градот Ѓер, кој се наоѓа 122 километри западно од унгарскиот главен град, Будимпешта, уследила по претходна несреќа во истата област, во која камион удрил во градежно возило. Во оваа несреќа, според извештаите, едно лице го загубило животот, а сообраќајот на автопатот бил блокиран од страна на надлежните служби.
Унгарскиот премиер Петер Маѓар во објава на социјалните мрежи, изразувајќи сочувство до семејствата на настраданите, соопшти дека станува збор за странски државјани.
„Во име на владата изразувам искрено сочувство до семејствата на осумте странски државјани кои утрово загинаа во несреќата на автопатот М1. На повредените им посакувам брзо закрепнување!“,
напиша Маѓар на Фејсбук.
Маѓар не соопштува детали во врска со националноста на жртвите, а од полицијата не одговориле веднаш на прашањата на Ројтерс.
Агенцијата пренесува изјава од полицијата за унгарската новинска веб-страница „24.hu“, според која сите жртви во сообраќајната несреќа биле мажи, додека минибуост наводно имал молдавски регистарски таблички. Според наводите, и камионот кој учестувал во првата несреќа, исто така, имал регистарски таблички на Молдавија.
Во друга објава на Фејсбук, унгарскиот премиер вели дека по добиените информации веднаш побарал извештај за состојбата со безбедноста на автопатот.
„Поради трагичната несреќа што се случи утрово и информациите што пристигаат, барам итен извештај за состојбата со безбедноста во сообраќајот предизвикана од пренасочувањата наредени од надлежното лице на автопатот“,
вели Маѓар во објавата.
