Според Управата за хидрометеоролошки работи, во деновите од викендот нè очекува посвежо време, особено во утринските часови, а од понеделник се најавува повторно пораст на дневните температури
Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат проследени со грмежи, се вели во прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Наместа ќе биле нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за ретка појава на град. Ќе дува засилен, а долж Повардарието и повремено силен ветер од северен правец кој на моменти ќе достигнува брзина од над 60 километри на час.

Утринската температура ќе се движи во интервал од девет до 17 Целзиусови степени, а максималната дневна ќе достигне од 15 во Маврово до 27 степени во Гевгелија.
Во Скопје, според синоптичарите, се очекува слична временска состојба. Ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд во претпладневните часови и засилен, а во делови од котлината повремено силен ветер од северен правец. Дневната температура во главниот град ќе се искачи до 24 Целзиусови степени.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, во деновите од викендот нè очекува посвежо време, особено во утринските часови, а од понеделник се најавува повторно пораст на дневните температури.
