Советот на јавните обвинители го продолжи ангажманот на Крстева-Цалева, откако во март годинава не успеа да избере редовен шеф на ВЈО Скопје, бидејќи ниту еден од петтемина кандидати не го доби потребното мнозинство. Поради ова во април беше распишан нов оглас
Советот на јавните обвинители на денешната седница едногласно одлучи со Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Скопје како вршителка на должноста да раководи обвинителката Наташа Крстева-Цалева до изборот на нов шеф на ова Вишо јавно обвинителство.

Ова, условно кажано, ѝ е втор мандат на Крстева-Цалева како в.д. шефица на ВЈО Скопје. Претходно на оваа позиција таа беше избрана на 12 декември минатата година.
Бидејќи, според Законот за јавното обвинителство, „мандатот“ на вршителот на должност шеф на обвинителство не може да трае подолго од шест месеци, Советот на јавните обвинители во последен момент најде решение, односно го продолжи ангжаманот на Крстева-Цалева до изборот на нов шеф на ВЈО Скопје, но не подолго од шест месеци. Инаку, мандадот на обвинителката како в.д. шефица на ВЈО Скопје истекуваше утре, на 12 јуни.
Предлогот таа повторно да биде назначена да ја врши функцијата, на денешната седница дојде од претседателот на Советот на јавните обвинители, Башким Бесими, а едногласно беше поддржан од другите членови на Советот. Дел од нив, осврнувајќи се на предлогот, рекоа дека ќе го поддржат бидејќи сметаат оти обвинителката досега добро си ја извршувала работата, а дополнително не би било нецелисходно да се бара друг кадар на нејзино место, имајќи предвид дека се при крај процедурите со огласот за избор на шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје.
„Чекаме оценување од вишите јавни обвинителства, кога ќе стигнат оценките, ќе направиме интервјуа и ќе закажеме седница за избор на виш јавен обвинител на ВЈО Скопје. На Крстева-Цалева ѝ истекува рокот утре, затоа е донесена нова одлука во континуитет да биде истата“,
изјави Бесими.
Инаку, Советот на јавните обвинители го продолжи ангажманот на Крстева-Цалева откако во март годинава не успеа да избере редовен шеф на ВЈО Скопје, бидејќи ниту еден од петтетмина кандидати не го доби потребното мнозинство.
Поради ова Советот распиша нов оглас, на кој се пријавија петмина кандидати со целосна документација. Станува збор за обвинителите Енџелуше Кадриу Леши, Фатиме Фетаи, Артан Ајро, Јасмина Костеска-Здравеска и Теута Бедиу Рамадани.

Од нив тројца – Фатиме Фетаи, Артан Ајро и Јамсина Костеска-Здравеска беа пријавени и на претходниот оглас и Советот ги разгледуваше нивните кандидатури, но никој не го доби потребното мнозинство гласови.
Скопското Вишо јавно обвинителство остана без редовен шеф откако Советот на јавни обвинители на 9 декември констатира престанок на функцијата јавен обвинител на Мустафа Хајрулахи на негово барање.
Хајрулахи претходно беше суспендиран од функцијата и од позицијата шеф на Вишото јавно обвинителство откако Основното јавно обвинителство (ОЈО) Штип поднесе обвинителен акт против него за пет кривични дела малтретирање во вршење на службата и едно за злоупотреба на службената положба и овластување.
Инаку, Вишото јавно обвинителство изминатиот период е во фокусот на јавноста бидејќи во него ќе се донесе одлука дали истрагата за случајот „Мазут“ ќе се реотвори или предметот ќе остане затворен.
За потсетување, државната компанија АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) поднесе приговор на одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) да го затвори предметот поради немање докази и во тек е релативниот период од 30 дена во кој Вишото јавно обвинителство треба да се произнесе по приговорот.
Станува збор за истрага за набавките на мазут која траеше повеќе од една година, сè до моментот кога на 12 мај надлежната обвинителка Катерина Коларевиќ одлучи да ја затвори. Осомничени се 13 лица, меѓу кои бизнисмените Ратко Капушевски, Асмир Јахоски и Ерџан Сулкоски, ексдиректорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, и други, за злоупотреба на службената положба и перење пари.
Приговорот на ЕСМ се падна кај обвинителот Јован Цветановски од Вишото јавно обвинителство Скопје, кој во изјава за телевизијата Телма, минатата недела, рече дека интезивно работи на предметот, кој е прилично обемен.
Обвинителот Цветановски беше под суспензија за можни неправилности во распределбата на предмети. По нејзиното укинување, тој беше вратен во распоредот во Вишото скопско обвинителство иако сè уште трае разгледувањето на обвинителниот предлог на штипското обвинителство во кое тој заедно со Хајрулаху е обвинет за злоупотреби при распоредување предмети.
