Од СДСМ реагираат дека додека имало пари и можност да се задолжува, Мицкоски тврдел оти избори нема да има

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) реагираше на денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за различни ставови – од тоа „нема предвремени избори“ до најавата дека парламентарни избори ќе има „многу скоро“.
Според СДСМ, ова менување на приказната доаѓа по месеци уверувања од страна на премиерот дека земјата е стабилна.
Од опозициската партија велат дека јавноста веќе е навикната на ваквото однесување на Мицкоски, кој ги менува приказните според моменталната потреба.
СДСМ вели дека има двајца Христијан Мицкоски – едниот што најавувал поништување на договорот и враќање на старото име, додека другиот во улога на премиер го прогласи за ремек-дело на дипломатијата.
„Едниот беше против НАТО, другиот сега се фали со членството. Едниот со Латас водеше антиевропска кампања, другиот во странство кажува дека ќе прави реформи и дека оди кон Европа. Исто е и со изборите“,
се вели во партиското соопштение од СДСМ.
Од СДСМ реагираат дека додека имало пари и можност да се задолжува, Мицкоски тврдел оти избори нема да има.
„Сега, им снемува пари, не може да ја задолжува државата и граѓаните колку што сака, и одеднаш изборите станаа ‘многу скоро’. Мицкоски и неговата банда се плашат од моментот кога ќе немаат повеќе пари за да ја одржуваат власта и тендерите. Затоа, штом ќе им снема пари за задолжување, ќе побрзаат кон избори“,
се додава во соопштението.
Од опозициската партија сметаат дека на јавноста веќе ѝ е јасно оти актуелниот премиер дошол на власт со лажни ветувања и дека на ист начин продолжува да владее и денес.
