Изградбата на втората делница од железничката пруга кон Бугарија, на потегот Бељаковце–Крива Паланка, според него, претставува еден од најкомплексните и најголеми инфраструктурни проекти што моментално се реализираат во државата. Се работи за исклучително предизвикувачки проект кој опфаќа изградба на три нови железнички станици – Кратово, Романовце и Гиновце, како и 29 мостови, 15 тунели, шест надвозници и три подвозници
Посочи дека железничката линија е проектирана за брзина од 100 до 120 километри на час, додека највисокиот столб на мостовите достигнува висина од 61 метар. Конструктивните работи додаде дека се реализирани со 31 отсто, а вкупниот напредок на проектот изнесува 36 отсто
Изградбата на втората делница од железничката пруга кон Бугарија, на потегот Бељаковце-Крива Паланка, се реализира со вкупен напредок од 36 отсто, а целосното железничко поврзување со Бугарија се очекува да биде завршено до 2031 година, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при увидот во градежните активности на Коридорот 8.

Заедно со директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, Николоски ја посети трасата на која, како што рече, се реализира еден од најкомплексните инфраструктурни проекти во државата.
Делницата е долга 34 километри и опфаќа изградба на 29 мостови, 15 тунели, шест надвозници, три подвозници, три железнички станици, две станични и три сервисни згради.
„Станува збор за инженерски исклучително предизвикувачки проект. На само 34 километри се градат 29 мостови и 15 тунели, што е најголем број тунели досега изградени во државата“,
изјави Николоски.
Посочи дека железничката линија е проектирана за брзина од 100 до 120 километри на час, додека највисокиот столб на мостовите достигнува висина од 61 метар. Според него, конструктивните работи се реализирани со 31 отсто, а вкупниот напредок на проектот изнесува 36 отсто.
Николоски најави дека возови на оваа делница би можеле да сообраќаат до крајот на 2028 година.
„Очекувам до октомври 2028 година, или да бидам попрецизен, до последниот квартал на 2028 година, тука веќе да сообраќаат возови“,
рече министерот.

По завршувањето на втората делница ќе следува изградбата на третата делница кон границата со Бугарија. Министерот информира дека веќе е објавен тендер за избор на надзорен орган, а во следните недели се очекува да биде распишан и тендерот за изведба.
Одговарајќи на новинарско прашање за роковите за целосна реализација на железничкото поврзување со Бугарија, Николоски рече дека целта е до 2031 година да биде завршена целата траса, вклучително и тунелот што треба заеднички да се гради со бугарската страна.
„Очекувам до 2031 година да ја завршиме целата делница, заедно со тунелот што треба заеднички да го градиме со Бугарија. Целта е проектот тогаш да биде завршен од двете страни“,
кажа тој.
Посочи дека Коридорот 8 е дел од европската транспортна мрежа што ги поврзува Јадранското и Црното Море, нагласувајќи дека НАТО го има прогласено за втор најзначаен безбедносен коридор.
Во однос на сигнализацијата и електрификацијата на третата делница, Николоски појасни дека тие ќе бидат предмет на посебни тендерски постапки со цел да се обезбедат најсовремени технолошки решенија во моментот на нивната инсталација.
„Доколку сега избереме одредено решение, а го вградуваме по пет години, постои можност во меѓувреме да застарее“,
вели Николоски.
Директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, истакна дека станува збор за делница на која повеќе од три децении немало значајни активности, а нејзината изградба дополнително е усложнета поради специфичната конфигурација на теренот.

„Пругата што беше започната во деведесеттите години повеќе од 30 години беше без активности. Денес интензивно се работи и покрај сложените услови реализацијата достигна 37 отсто“,
рече Ивановски.
Според него, активностите се одвиваат на три главни сегменти – земјени и градежни работи, санација и доградба на 26 мостови изградени во деведесеттите години и изградба на 15 тунели.
