Сепак, додаде дека годинава ќе се применува хибриден модел со цел ниту еден ученик да не остане без свидетелство поради евентуални технички ограничувања во одделни училишта
Комбинираниот модел се применува поради потребата од дополнителна адаптација на наставниот кадар кон новите дигитални алатки оти, како што рече, не сите наставници, иако поминаа низ бројни обуки, се подеднакво подготвени веднаш да ги извршуваат обврските во целосно дигитална средина
Учениците од прво до трето одделение годинава по првпат ќе добијат дигитални свидетелства, а од следната учебна година овој систем ќе биде проширен и за учениците од четврто до шесто одделение, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на презентацијата на АРБУ – платформата за академско рангирање на универзитетите во Балканскиот Регион, Јаневска појасни дека Министерството за образование и наука веќе обезбедило електронски печати и електронски потписи за спроведување на процесот.
Според неа, годинава ќе се применува хибриден модел со цел ниту еден ученик да не остане без свидетелство поради евентуални технички ограничувања во одделни училишта.
„Како Министерство обезбедивме електронски печати и електронски потписи. Оваа година воведовме хибриден систем за да не се случи во некое училиште, особено во руралните средини или во училишта со послаба техничка опременост, учениците да останат без свидетелства. Од следната година свидетелствата ќе бидат целосно дигитални“,
рече таа.
Дигитализацијата, како што кажа, е еден од приоритетите на Министерството и се спроведува во сите институции под негова надлежност, согласно расположливите капацитети.
Посочи дека комбинираниот модел се применува поради потребата од дополнителна адаптација на наставниот кадар кон новите дигитални алатки. Во изминатиот период, како што рече, биле обучени речиси 20 илјади наставници за користење на дигиталните системи и за спроведување на процесот на дигитализација.
„Не сите наставници, иако поминаа низ бројни обуки, се подеднакво подготвени веднаш да ги извршуваат обврските во целосно дигитална средина. Постојат возрасни разлики и други околности што влијаат врз нивната подготвеност“,
вели министерката.
Јаневска им го честита успешното завршување на учебната година на учениците и на наставниците, додавајќи дека според досегашните информации оваа учебна година дала подобри резултати од претходната, што го потврдуваат и релевантни показатели.
Во текот на учебната година таа најави дека годинава свидетелствата за учениците од прво, второ и трето одделение ќе бидат електронски, но оти поради првата година на имплементација паралелно ќе се издаваат и печатени.
Од следната година, како што рече, системот ќе се прошири и ќе ги опфати и четврто, петто и шесто одделение, додека во 2028 година процесот целосно ќе биде заокружен и ќе ги вклучи и учениците од деветто одделение.
