За повеќе од 14 500 матуранти наставата заврши уште на 15 мај, а веќе утре, на 11 јуни, оние што се пријавени за државна матура ќе го полагаат задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик
За полуматурантите овој месец започнува запишувањето во средно образование. Во јуни ќе има две електронски пријавувања на учениците

За учениците од основните и од средните училишта денеска завршува учебната 2025/2026 година. Од утре, па сè до 31 август, тие се на летен распуст, додека за матурантите и полуматурантите следуваат полагање на државната матура и запишување во средните училишта.
За повеќе од 14 500 матуранти наставата заврши уште на 15 мај, а веќе утре, на 11 јуни, оние што се пријавени за државна матура ќе го полагаат задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик, односно македонски, албански, турски или српски јазик. На 12 јуни, пак, испитите ќе ги полагаат и кандидатите за државна стручна и државна уметничка матура, откако претходно, на 6 јуни, матурантите веќе го полагаа првиот дел од изборниот екстерен предмет. Од вкупно пријавените 14 587 ученици за полагање матура, најголемиот дел, односно 12 184 се пријавиле за државна матура, 2 276 ученици ќе полагаат државна стручна матура, додека 127 се пријавени за државна уметничка матура.
За полуматурантите овој месец започнува запишувањето во средно образование. Пријавувањето ќе се врши електронски преку порталот uslugi.gov.mk со посебна најава за ученици од нивните сопствени кориснички сметки на schools.mk, а потоа во училиштата каде што конкурираат ќе ја доставуваат и потребната документација. Во јуни се предвидени две електронски пријавувања. Според Конкурсот на Министерството за образование и наука, првото пријавување ќе започне на 12 јуни на полноќ и ќе трае до 23:59 часот на 15 јуни, додека второто пријавување во јунскиот рок ќе се врши на 23 јуни. За оние што нема да успеат да се запишат во јуни, во августовскиот уписен рок ќе има едно пријавување на 20 август.
Со Конкурсот на Министерството за образование и наука се предвидени над 25 000 слободни места во сите 109 јавни средни училишта во државата. Најголем простор и годинава е оставен во стручното образование, каде што има повеќе од 17 000 слободни места, потоа следува гимназиското образование со 6 000 места, додека во уметничкото образование има 570 слободни места.
