За трагичниот настан бил известен јавен обвинител, по чии насоки телото на починатиот маж е предадено на семејството

Седумдесет и тригодишен маж од скопското село Грушино го загубил животот откако бил зафатен од трактор со собирачка за сено, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Несреќата се случила вчера, а случајот во СВР Скопје бил пријавен околу 19 часот од страна на приватна здравствена установа од селото Арачиново, каде што мажот бил донесен без знаци на живот.
Полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со братот на починатиот.
Според неговата изјава, несреќата се случила во моментот кога сега починатиот И. Ш. (73) го стартувал тракторот. Бидејќи возилото било оставено во брзина, а на него била поставена собирачка за сено, тракторот ненадејно почнал да се движи. Притоа, собирачката за сено го зафатила човекот, се наведува во денешниот полициски билтен.
И. Ш. се здобил со тешки телесни повреди и починал на патот кон здравствената установа во Арачиново.
За трагичниот настан бил известен јавен обвинител, по чии насоки телото на починатиот маж е предадено на семејството.
