Оставката која е веќе доставена до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, како што пишува Даскаловски во објава на Фејсбук, е пред сè од лични причини
Марјан Даскаловски беше кандидат на СДСМ за градоначалник на Струмица на минатогодишните локални избори кои ги загуби уште во првиот круг од својот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Јанков
Претседателот на Општинската организација на СДСМ во Струмица, Марјан Даскаловски, попладнево објави дека поднел оставка од партиската функција и ја доставил до лидерот Венко Филипче. Одлуката, како што пишува Даскаловски во објава на Фејсбук, е донесена со мирна совест и чисто срце, водена пред сè од лични причини.

„Изминатиот период беше исполнет со многу работа, заеднички победи, но и предизвици со кои се соочувавме секогаш со крената глава и со мисла за доброто на Струмица. Чест ми беше да ја предводам Организацијата и да работам со луѓе кои искрено го сакаат својот град. На идниот претседател и на новото раководство им посакувам многу успех, мудрост и нова енергија во водењето на партијата на локално ниво“,
пишува Даскаловски во објавата на Фејсбук, заблагодарувајќи им се на сите соработници, членови, симпатизери и активисти на СДСМ за поддршката и за укажаната доверба.
Даскаловски вели дека останува достапен како пријател и поддржувач со своето искуство и знаење да помогне секогаш и секаде кога ќе биде потребно.
Инаку, Марјан Даскаловски беше кандидат на СДСМ за градоначалник на Општина Струмица на минатогодишните локални избори кои ги загуби уште во првиот круг од својот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Јанков.
