Таа потврди дека Владата неодамна утврдила кандидати за амбасадори во Атина, Будимпешта, Сараево, Каиро и во Осло

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова сè уште нема видено текст во форма на закон за спојување на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР). Во интервју за „360 степени“ на МРТ1, таа вели дека досега ѝ биле претставени само груби решенија.
Сиљановска-Давкова: Не сум јас овластен предлагач на закони, предлагач е Владата, но ме интересира. Не сум видела текст, меѓутоа сум видела скица, сум видела некои решенија. Претпоставувам дека личноста со којашто разговарав веројатно е некој од креаторите на решението или така натаму. Да, тоа беа груби решенија.
360°: На ваше барање беше тоа?
Сиљановска-Давкова: Не на мое барање. Кога гледам јас на ова прашање, иако не сум експертка за казнено право, се водам од следново: прво – контролата собраниска. Второ – да се размисли околу моќта. Еве и Вас сум ве учела она што вели Лорд Ектон – „секоја моќ се заканува да корумпира“. Добро е да видиме тоа, да нема опасност од партизација, политизација. Компаративни искуства и што е најважно – редовна постапка ако решат и дебата со експертска со стручна јавност, бидејќи можеби некое решение обединети да функционира одлично во некоја држава, може во друга да прави проблеми. Значи, да имаме решенија кои одговараат на нашите услови.
Шефицата на државата вели дека не може да се одлучи дали е „за“ или „против“ спојување на двете агенции, додека не види, како што вели таа, вистински решенија.
360°: Мислите ли дека ќе биде одземање на дел од моќта на шефот на државата ако се случи ова? Бидејќи претседателот на Републиката го назначува директорот на Агенцијата за разузнавање.
Сиљановска-Давкова: Зависи како. Во некои држави доаѓа предлогот од еден, а потоа треба согласност од другиот. Има и такви решенија. Има решенија како во САД – сè е во рацете на претседателот. Има решенија каде што Владата е таа којашто го предлага и го избира и така натаму. Не знам за кое решение ќе се определат.
Претседателката потврди дека Владата неодамна утврдила кандидати за неколку амбасадорски места, нови имиња, за Атина, Будимпешта, Сараево, Каиро и Осло.
360°: Од овие петмина, мислам дека четворица не се професионалци, не се кариерни дипломати. Еден е само – знаете сигурно и вие. Еве Атина – не е. Будимпешта – не е. Сараево – не е. Осло – не е. Само Каиро е професионалец.
Сиљановска-Давкова: Не можам да ви потврдам бидејќи постапката се врзува, се знае – ние сме имале големи проблеми со тоа, со агреманот. Значи, таа е тајна до моментот додека не потпишам. Инаку, знаете дека 80-20 е во новото решение. Беше претходно помалку и мислам дека треба да го зголемуваме тоа, процентот на луѓе од кариера. Се знае во чија полза. Иако понекогаш не мислам дека тие од кариера, со оглед на spoils-системот на регрутирање во администрацијата, мора да бидат подобри од луѓе со образование врзано за надворешна политика, ако сакате дури и со новинари врвни во надворешна политика, ако сакате дури во невладини организации. Мислам дека тоа може да има и додадена вредност понекогаш.
