За имплементацијата на законот да биде доследна, предвидено е формирање посебно Координативно тело со кое ќе раководи првиот вицепремиер. Хоџа вели дека сите институции без исклучок ќе имаат законска обврска да поднесуваат редовни извештаи пред ова тело

Од партијата Влен велат дека со новиот предлог-закон за соодветна и правична застапеност, ова уставно право по првпат во историјата станува законски загарантирано, заштитено и задолжително за сите државни институции.
Според Влен, со новото решение се става крај на практиките каде што ова право зависело од политичка волја, министри или меѓупартиски пазарења.
„Она што не се направи за 25 години, Влен го прави за 25 месеци. Ова е победа за Албанците и за сите етнички заедници, унапредување на Охридскиот договор и голем чекор кон поправедна држава“,
изјави Албрим Хоџа од Влен на денешната прес-конференција.
За имплементацијата на законот да биде доследна, предвидено е формирање на посебно Координативно тело со кое ќе раководи првиот вицепремиер. Хоџа вели дека сите институции без исклучок ќе имаат законска обврска да поднесуваат редовни извештаи пред ова тело.
Дополнително, во рок од шест месеци по донесувањето на законот, ќе се изработи прецизна методологија што во практика ќе ги уреди правичната застапеност, годишните планови за вработување и јавните конкурси. Како основа за застапеноста ќе се земаат официјалните податоци од последниот попис на населението, со цел да се отслика реалниот демографски состав.
Како важна и историска новина во предлог-законот, од Влен го издвојуваат фактот што правичната застапеност веќе нема да се однесува само на вработувањата, туку ќе важи и за унапредувањата на работното место, со што се отвора пат за за унапредување и за поголемо учество во одлучувањето.
Со законот, рече Хоџа, се решава проблемот со досегашните злоупотреби преку „балансерот“.
„Самоизјаснувањето не може да биде покритие за измама и никој не смее да си игра со идентитетот заради конкурс. Проверката ќе се врши врз основа на официјални податоци, вклучително и личната карта“,
додаде тој.
Од партијата потенцираа дека за разлика од минатото, овојпат е предвидена директна политичка одговорност бидејќи, како што заклучуваат од Влен, граѓаните не треба да плаќаат од буџетот за ничија неодговорност.
Предлогот на законот за соодветна и правична застапеност во прво читање е ставен на дневен ред на 104. седница на Собранието, в среда, на 10 јуни.
Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците минатата недела со девет гласа „за“ изгласа дека предлогот на законот за соодветна и правична застапеност е прифатлив и проследен на понатамошно читање. Членовите на Комисијата, исто така, дадоа поддршка за одржување јавна расправа по овој предлог на закон.
Претходно Комитетот за односи меѓу заедниците со 11 гласа „за“ и два „против“, изгласа предлог-законот за соодветна и правична застапеност да се носи со „мал Бадентер“, односно со мнозинство гласови од присутните пратеници и мнозинство гласови од припадниците што припаѓаат на немнозинските заедници.
Денеска спикерот Африм Гаши ги повика сите пратеници да покажат конструктивност и заеднички да работат во насока на донесување подобар закон за правична застапеност.
За најавите на опозицијата дека ќе го блокира законот, Гаши денеска одговарајќи на новинарски прашања, по презентацијата на извештајот за неговата двoгодишна работа, нагласи дека што се однесува до најавите на опозицијата, тоа е начин како може да се дојде до поквалитетен закон.
