„Јас жалам што некогаш државотворната партија се претвори во една група којашто се бори за да го штити својот личен интерес, но, тоа е што е, тие одбрале таква политика, така да се однесуваат, ние тука не можеме ништо повеќе да сториме“, изјави Мицкоски прашан за пораките од вчерашниот конгрес на СДСМ поврзани со евроинтегративниот пат на Македонија
Прашан до каде е Акцискиот план за малцинствата и зошто Бугарија го блокира, тој одговори, дека тоа треба да го каже нашиот источен сосед, притоа уште еднаш критикувајќи ги претходните политички елити во земјава поради кратковидост и лекомисленост
Премиерот Христијан Мицкоски денеска коментирајќи ги пораките од вчерашниот конгрес на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во врска со еворинтеграциите, изјави дека жали што партијата продолжува да биде, како што често ја нарекува, мекото ткиво на македонскиот национален идентитет.

Пред да ја повтори својата забелешка, Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека смета оти не секогаш треба да се дава коментар на она што го кажува Социјалдемократскиот сојуз.
Според премиерот, освен фолклорот што навикнале да го слушаат од СДСМ, не виделе ништо поразлично на вчерашниот конгрес.
„СДСМ продолжува да биде мекото ткиво во македонскиот национален идентитет, јас жалам што некогаш државотворната партија се претвори во една група којашто се бори за да го штити својот личен интерес, но, тоа е што е, тие одбрале таква политика, така да се однесуваат, ние тука не можеме ништо повеќе да сториме, затоа можеби понекогаш не треба да коментираме сè што тие кажуваат“,
рече Мицкоски, кој денеска присуствуваше во Виница, на отворање на нов погон во фабриката „Макпрогрес“ позната по брендот „Винчини“.
Инаку, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на конгресот ја претстави новата идеолошка платформа на Социјалдемократскиот сојуз, која се потпира на три столба – европскиот процес, економско-социјална алтернатива и мобилизацијата на прогресивната јавност.
Во врска со европскиот процес, Филипче на конгресот рече дека СДСМ мора да бара јасен државен план од власта за отворање на кластерите и поглавјата во преговорите со точни рокови, политичка одговорност и целосен јавен отчет. Тој додаде дека народот има право да знае кој е планот и следниот чекор, но и кој ќе одговара ако земјата и натаму остане во чекалницата на ЕУ.
Од владејчката партија на Мицкоски денеска преку писмено соопштение го искритикуваа Филипче поради неговите барања за уставни измени за малцинствата, наведувајќи дека тој и бугарскиот премиер Румен Радев се единственуите кои сметаат дека тоа се единствените реформи што треба да се спроведат во Македонија.
Прашан до каде е Акцискиот план за малцинствата и зошто Бугарија го блокира, тој одговори, дека тоа треба да го каже нашиот источен сосед, притоа уште еднаш критикувајќи ги претходните политички елити во земјава поради кратковидост и лекомисленост.
„Тоа прашање ќе треба ним да им го поставите затоа што, претпоставувам, таа политика трае со децении. Не е тоа политика што е од денес почната, за жал, некои претходни политички елити кај нас тоа не успеаја да го препознаат и беа кратковиди и, претпоставувам, лекомислени или се водеа од личните интереси мислејќи дека ако потпишат бел лист хартија, сите проблеми ќе бидат решени. Тоа така не оди во реалниот свет и во реалната политика. За жал, направија големи проблеми и ќе треба овие проблеми да ги решаваме, и ги решаваме еден по еден. Но, ќе се бориме, впрочем тоа е нашата задача, да се бориме. Ништо во животот не доаѓа бргу и лесно, за сè треба да се изборите и да победите. Сме покажале дека знаеме да победуваме, ќе победиме и овој пат, само замолувам за трпение“,
изјави Мицкоски.
Премиерот завчера изјави дека Акцискиот план за малцинства е готов, усогласен со експерт од Европската комисија, и неофицијално е усогласен со дваесет и шест земји членки, освен со една, која е против да бидеме и дел од иницијативата „Трите мориња“.
Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците е изработен на македонски и на англиски јазик од домашни и меѓународни експерти. Како што соопшти Владата, направен е во блиска консултација со Советот на Европа и Европската комисија и е документ којшто содржи јасно дефинирани мерки, рокови и надлежни институции, целосно усогласен со највисоките европски стандарди.
Во јануари премиерот Мицкоски изјави дека главната забелешка на Бугарија за Акцискиот план за малцинствата е што бил на македонски јазик. Освен Бугарија, како што рече тогаш, ниту една друга држава членка на Европската Унија немала забелешки за овој документ.
На изјавите на Мицкоски реагираше официјална Софија, изразувајќи загриженост за, како што рекоа од бугарското Министерство за надворешни работи (МНР), последните измислени тези од властите во Скопје што „остро се разликуваат од суштината на европскиот консензус од 2022 година“.
Од Министерството за надворешни работи на Бугарија тогаш порачаа дека прашањето на кој јазик ќе биде Планот за правата на заедниците што се очекува од Скопје, е внатрешно прашање на С Македонија и оти тоа не е тема на билатералните односи.
