„По долго време коленичење и поданост од страна на властите предводени од СДС, сега европските претставници кај македонската влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ гледаат државнички пристап и сигурен партнер за соработка. Голем дел европски претставници и на земји членки на ЕУ сметаат дека Македонија бележи видливи резултати и дека, по долги години чекање, заслужуваме гаранции и предвидливост на европскиот пат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно го обвини лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, дека е единствениот политичар во државата кој бара измени на Уставот за внесување на Бугарите, додека во исто време, наведуваат од партијата, признанија и пофалби за работата на Владата доаѓаат од повеќе функционери и претставници на земјите членки на Европската Унија (ЕУ).

Според владејачката партија, европски претставници како претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта, и институции како Европската комисија потврдуваат дека Македонија се развива и напредува во Реформската агенда, за што, велат, доби и најмногу финансиски средства од Планот за раст од земјите во регионот, додека само Филипче е на иста линија со бугарскиот премиер Румен Радев и вели дека единствена реформа за Македонија се уставните измени.
Со тоа, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, Филипче ја продолжува праксата на поранешниот премиер и екслидер на СДСМ, Зоран Заев, кој, како што обвинуваат од владејчката партија, за власт се согласил на разни идентитетски отстапки и национални предавства, посочувајќи на промената на уставното име.
„По долго време коленичење и поданост од страна на властите предводени од СДС, сега европските претставници кај македонската влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, гледаат државнички пристап и сигурен партнер за соработка. Голем дел европски претставници и на земји членки на ЕУ сметаат дека Македонија бележи видливи резултати и дека, после долги години чекање, заслужуваме гаранции и предвидливост на европскиот пат“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Нарекувајќи го „пиун на Радев“ и „специјален пратеник на Бугарија“, од владејачката партија велат дека оваа генерација на СДСМ предводена од Венко Филиче покажува дека е најмекото ткиво на Македонија, надминувајќи го Зоран Заев.
Според ВМРО-ДПМНЕ, наместо опозициската партија да застане заедно со владата зад македонските национални и идентитетски интереси, таа, велат од владејачката партија, е на иста линија со Радев во служба на Бугарија, подготвувајќи, како што наведуваат, уште едно поголемо предавство.
„Додека Бугарија се обединува во цврст став по однос на Македонија, Румен Радев во државава си најде пиун по негова мера, Венко Филипче, кој е подготвен да исполни сè што ќе му побара без никаков приговор. Затоа, го прашуваме Филипче и ова раководство на СДС, што уште сакаат да направат за да ѝ наштетат на државата и да бидат запаметени како најголемите предавници во најновата историја на Македонија, веднаш после Заев и компанија“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа по вчерашниот 32. Конгрес на СДСМ, на кој партискиот лидер Венко Филипче, најавувајќи силен, континуиран и одговорен притисок врз власта, ја претстави новата идеолошка платформа на Социјалдемократскиот сојуз, која се потпира на три столба – европскиот процес, економско-социјална алтернатива и мобилизацијата на прогресивната јавност.
Во врска со европскиот процес, Филипче на конгресот рече дека СДСМ мора да бара јасен државен план од власта за отворање на кластерите и поглавјата во преговорите со точни рокови, политичка одговорност и целосен јавен отчет. Тој додаде дека народот има право да знае кој е планот и следниот чекор, но и кој ќе одговара ако земјата и натаму остане во чекалницата на ЕУ.
Бугарскиот премиер Румен Радев во изјава за медиумите пред почетокот на самитот ЕУ-Западен Балкан што во петокот се одржа во Тиват, Црна Гора, меѓу другото, рече дека единственото нешто што треба да го направи Северна Македонија е да ги впише Бугарите во Уставот за да почне преговори со Европската Унија.
„Подготвени сме да помогнеме на секоја земја што аплицира за членство, особено на нашите браќа од Северна Македонија. Чекаме тие конечно да ја исполнат Преговарачката рамка. Имаме консензус од јули 2024 година и чекаме тие конечно да го изменат Уставот и да ги вклучат Бугарите во него. Многу е едноставно. Потребно е да го направат само овој чекор за да се отвори вратата за преговарачкиот процес“,
рече Радев.
