Прашањето не е што се правело откако почнал пожарот, туку дали било направено сè што било должност на институциите за до него воопшто да не дојде – порачаа родителите и блиските на загинатите во пожарот во „Пулс“ на денешниот „Марш за ангелите“
Дали секој што имал должност ја извршувал совесно, професионално и во рамките на своите овластувања – прашаа родителите на жртвите од пожарот во „Пулс“ на денешниот „Марш за агелите“ кој се одржа по 45. пат во Кочани.

„Со секоја должност доаѓаат обврски. Со секое овластување – одговорност. Со секоја униформа – очекувања дека ќе се постапува професионално, навремено и еднакво кон сите. Прашањето е дали секој што имал службени обврски и законски овластувања – ги извршувал така како што се очекува од институција“,
рече Розета Џамова, сестра на починато момче во „Пулс“ на денешниот собир во Кочани.
Според неа и родителите на останатите загинати, прашањето не е што се правело откако почнал пожарот, туку дали било направено сè што било должност на институциите за до него воопшто да не дојде.
На денешниот 45. „Марш за ангелите“ во Кочани беа присутни претставници на Сојузот на борците од НОБ од Скопје во знак на поддршка на родителите на починатите. По маршот, тие заминаа да насадат млади садници кај спортската сала на ОУ „Никола Карев“ што го носи името „Кочански Ангели“.
