Во процесот на техничко усогласување и миграција на податоците се појавиле непредвидени технички предизвици, кои довеле до пролонгирање на обработката и доцнење на исплатата на паричните права за неколку дена
Се апелира до граѓаните за разбирање и трпение во преодниот период, нагласувајќи дека новото решение долгорочно ќе овозможи побрзи и поефикасни услуги за корисниците
Министерството за социјална политика, демографија и млади соопшти дека е во тек имплементација на ново софтверско решение со кое се модернизира и унапредува системот за обработка и исплата на правата од социјална и детска заштита во центрите за социјална работа.

Во процесот на техничко усогласување и миграција на податоците се појавиле непредвидени технички предизвици, кои довеле до пролонгирање на обработката и доцнење на исплатата на паричните права за неколку дена.
Од Министерството наведуваат дека станува збор за значајна реформа чија цел е зголемување на ефикасноста, сигурноста и квалитетот на услугите за граѓаните.
Оттаму уверуваат дека сите права на корисниците се целосно обезбедени и дека исплатите ќе бидат реализирани веднаш по завршувањето на неопходните технички усогласувања.
„Надлежните служби работат интензивно на надминување на состојбата и на целосно ставање во функција на новиот систем“,
се наведува во соопштението од ресорното Министерство.
Се апелира до граѓаните за разбирање и трпение во преодниот период, нагласувајќи дека новото решение долгорочно ќе овозможи побрзи и поефикасни услуги за корисниците.
Од Министерството додаваат дека остануваат посветени на модернизацијата на системот за социјална и детска заштита и дека јавноста ќе биде навремено информирана за сите понатамошни активности.
