Според него, процесот на проширување на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан треба да се темели на реални реформи и исполнување на критериумите за членство, а не на политички компромиси
Бугарија, како што рече, останува еден од најсилните поддржувачи на проширувањето на Унијата кон Западен Балкан, оценувајќи дека тоа претставува инвестиција во безбедноста, стабилноста и просперитетот на Европа
Единственото нешто што треба да го направи Северна Македонија е да ги впише Бугарите во Уставот за да почне преговори со Европската Унија, рече бугарскиот премиер Румен Радев пред почетокот на самитот ЕУ – Западен Балкан кој денеска се одржува во црногорскиот град Тиват, пренесува „Дојче веле“.

„Подготвени сме да помогнеме на секоја земја што аплицира за членство, особено на нашите браќа од Северна Македонија. Чекаме тие конечно да ја исполнат преговарачката рамка. Имаме консензус од јули 2024 година и чекаме тие конечно да го изменат Уставот и да ги вклучат Бугарите во него. Многи е едноставно. Потребно е да го направат само овој чекор за да се отвори вратата за преговарачкиот процес“,
рече Радев, објави „Дојче веле“.
Како што пренесува МИА, Радев во изјава пред самитот рече дека процесот на проширување на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан треба да се темели на реални реформи и исполнување на критериумите за членство, а не на политички компромиси.
Според него, постојат два можни пристапа за забрзување на евроинтеграцијата на регионот, но дека Бугарија го поддржува моделот заснован на заслуги и конкретни резултати.
„Постои можност да направиме компромис со суштинските критериуми за членство, но тогаш ќе внесеме нови проблеми во Унијата. Ние го предлагаме другиот пат – членство врз основа на реални заслуги и придонес. Бугарија може многу да помогне со своето искуство и да им даде поддршка на институциите на овие држави за побрзо да напредуваат кон ЕУ, но процесот мора да биде одржлив и неповратен“,
кажа бугарскиот претседател.
Посочи дека пристапувањето кон Европската Унија подразбира темелни реформи во правосудството, владеењето на правото, заштитата на човековите права и развојот на добрососедските односи.
„Нашата позиција е дека не треба да пренесуваме наследени политички и историски проблеми во Европската Унија и ќе продолжиме цврсто да ја браниме таа позиција“,
вели тој.
Бугарскиот претседател го поздрави напредокот на Црна Гора во евроинтегративниот процес и позитивно ги оцени напорите на Албанија на патот кон членство во ЕУ, изразувајќи надеж дека и останатите држави од регионот ќе постигнат слични резултати.
Бугарија, како што рече, останува еден од најсилните поддржувачи на проширувањето на Унијата кон Западен Балкан, оценувајќи дека тоа претставува инвестиција во безбедноста, стабилноста и просперитетот на Европа.
Радев предупреди дека актуелните геополитички предизвици не смеат да бидат причина за ублажување на Копенхашките критериуми за членство.
„Не можеме да си дозволиме компромис со критериумите за членство поради сложената геополитичка ситуација. Ако овие проблеми ги потиснеме сега со брзи и вештачки решенија, тие повторно ќе се појават во европското семејство по неколку години“,
додаде тој.
Осврнувајќи се на војната во Украина, Радев оцени дека е неопходно поголемо ангажирање на дипломатијата во напорите за ставање крај на конфликтот.
„Крајно време е дипломатијата да се искористи како најмоќен инструмент за решавање на конфликтот. Ќе го поддржиме секој дипломатски напор што води кон постигнување мир“,
кажа Радев.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска од Тиват оцени дека процесот на проширување во Европската Унија е многу бавен и дека се потребни нови идеи за дополнително охрабрување на земјите од регионот да спроведат реформи. Порача дека Европската Унија мора да покаже дека е способна за понатамошно проширување.
„Европската Унија мора да покаже дека е способна да се прошири, тука сме за да разговараме за тоа. Секако, постојат низа прашања на кои мора да одговориме заедно, но пред сè, мора да биде јасно дека овој дел од Европа има европска перспектива и припаѓа на Европската Унија“,
рече германскиот канцелар одговарајќи на новинарски прашања пред Самитот ЕУ-Западен Балкан.
Во пресрет на Самиотот, Германија и Франција подготвија нон-пејпер насловен „Нов моментум за проширувањето“, кој претставува своевидна разработка на писмото што германскиот канцелар Фридрих Мерц неодамна го упати до првите луѓе на институциите на ЕУ. Но, ако две третини од писмото на Мерц беа посветени на Украина, нон-пејперот се однесува целосно на државите од Западен Балкан и на Молдавија.
Документот доаѓа како основа за дискусија на денешниот Самит во Црна Гора. Во него, меѓу другото, се наведува дека новиот пристап би понудил непосреден и опиплив напредок за сите кандидати, а намерата не е ниту да го замени полноправното членство ниту да го продолжи патот до него, туку да создаде поттикнувања што ќе овозможат побрз напредок по тој пат.
