„Како Европска Унија, поддржуваме долгорочно решение: регионален третман на отпад во Новаци. Но, таму има одредени доцнења, така што ова не е итно решение. Но, она што јас ќе го направам е што ќе разговарам со властите и со градоначалникот за да видиме што можеме да направиме бидејќи големината на проблемот бара итно решение“, изјави Рокас по денешната посета на депонијата заедно со градоначалникот на Струга, Менди Ќура
Градоначалникот Ќура изјави дека состојбата со депонијата е непроменета и оти е ангажирана фирма која ја одржува и нема да се дозволи палење отпад во летниот период и предизвикување пожари
Амбасадорот на Европската Унија (ЕУ) во земјава, Михалис Рокас, вели дека е шокиран од големината на проблемот со депонијата во Струга и најави дека ќе разговара со властите и со градоначалникот во насока на изнаоѓање итно решение бидејќи има доцнења со долгорочното.

Рокас ова го кажа по денешната посета на депонијата заедно со градоначалникот на Струга, Менди Ќура, констатирајќи дека проблемот е голем бидејќи депонијата пред сè се наоѓа блиску до градот, реката Црн Дрим и Охридското Езеро и поради тоа неопходно е итно решение.
Тој рече дека како Европска Унија поддржуваат долгорочно решение – проектот за регионален третман на отпад во Новаци, но таму, како што, кажа има одредени доцнења и за ова не може да се говори како за итно решение.
„Најпрво, дозволете ми да кажам дека сум прилично шокиран од големината на проблемот. Знаев дека депонијата не е усогласена со стандардите, но да сфатите дека е толку блиску до градот, на неколку стотини метри од куќите, многу блиску до реката и до водоснабдувањето, а исто така и до езерото, навистина е обесхрабрувачки да се види. И, секако, како Европска Унија, поддржуваме долгорочно решение: регионален третман на отпад во Новаци. Но, таму има одредени доцнења, така што ова не е итно решение. Но, она што јас ќе го направам е што ќе разговарам со властите и со градоначалникот за да видиме што можеме да направиме бидејќи големината на проблемот бара итно решение“,
изјави Рокас, пренесе МИА.
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, изјави дека состојбата со депонијата е непроменета и оти е ангажирана фирма која ја одржува и нема да се дозволи палење отпад во летниот период и предизвикување пожари.
„Состојбата на депонијата е таква каква што беше и се одржува. Бевме заедно со амбасадорот ја видовме состојбата на терен, што дава надеж дека ќе се преземат мерки. Има координативно тело за регионална депонија во Новаци, доделени се средства за реализација на тој проект“,
изјави Ќура.
Лани во август адвокатската канцеларија „Стојкоски и Ќатоски“ од Струга соопшти дека Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур ја прифатил апликацијата што во мај истата година тие ја поднеле во врска со дивата струшка депонија откако домашните судови се прогласија за ненадлежни.
Од адвокатската канцеларија рекоа дека прифаќањето на апликацијата значи дека ЕСЧП ќе расправа за еден од најголемите еколошки и здравствени проблеми во Струга – депонија која се наоѓа на само 500 метри од првите куќи, во близина на реката Црн Дрим и на два километри од Охридското Езеро.
Во постапката тие бараат утврдување повреда на правото на пристап до суд (член 6 од Европската конвенција), повреда на правото на приватен и семеен живот, како и повреда на правото на ефективен правен лек.
