Процентот којшто се одвојувал, на пример во 2008 година, изнесувал 5,43% што е бројка која во тој момент била благо и над просекот во земјите од ЕУ. Во 2023 година, земјава се спушта до вложување од 3,79% како процент од БДП за образование. Сега, европскиот просек е далечен
Анализата е дел од магистерски труд на Александар Николовски. Освен што земјава вложува се помалку во образованието, додава тој, тие трошоци се најмногу во плати, а не во наука и капитални инвестиции
Колку пари вложува државата по студент? Дали универзитетите знаат колку од студентите кои дипломираат се вработуваат? Колку средства се издвојуваат за високото образование како дел од бруто домашниот производ? Одговорите на овие прашања се некои од клучните параметри кои покажуваат – каков е односот на едно општество кон образовнието.
A, каков е односот на Македонија кон ова прашање, истражувал младинскиот активист и од неодамна магистер по економски науки, Александар Николовски. Насловот на неговиот магистерскиот труд е „Ефикасност на јавните расходи за високо образование“.
„Процентот којшто се одвојувал да речеме од 2008 година како процент од БДП за образование изнесувал 5,43%, којшто бил и над европскиот просек, додека пак во 2023 се спуштаме на 3,79% како процент од БДП за образование. Во дел на високо образование, од 1,3% се спуштаме на 0,8% учество на расходите за образование како дел од БДП“,
вели Николовски.

Со други зборови, земјава вложува се помалку во образованието ако се споредуваат парите што одат во овој сектор како процент од БДП.
Како изгледа тој пад, може да се види од следната табела. Ако во 2008 година се издвојувале 1,3% од БДП за високо образование, во 2013 тој процент е паднат на 1,16%. Со тие бројки, Македонија била подобра од, на пример, Чешка која одвојувала 0,88%. Не биле многу далеку и Франција и Германија кои одвојувале по 1,24% односно 1,27%. Белгија, а особено Данска со 2,28% одвојувале значително повеќе од земјава, но блиску бил просекот на ЕУ – 1,24%.
Во следната деценија парите кои се одвојуваат за образование, како процент од БДП, паѓаат континуирано. Во 2022 година, средствата одвоени за високо образование изнесуваат 0,84%. Некогаш близок, европскиот просек станува далечен – 1,21% од БДП за образование. Далечни стануваат и Франција и Германија, а јазот со земји како Белгија или Данска е уште поголем. Само Чешка е близу со 0,79%
Споредено со регионот, во 2013 година, само Турција и Србија издвојувале повеќе пари за образование, како процент од БДП. Бугарија и Грција, на пример, издвојувале 0,65 и 0,66 отсто, што било речиси двојно помалку од 1,16% во Македонија. Десет години подоцна, Македонија издвојува 0,84%, Грција веќе одвојува повисок процент, а Бугарија се приближува од година во година. Сега е пред нас и Словенија, како и Турција, а само Србија паднала повеќе за десет години од земјава.

Магистерот Александар Николовски сепак потсетува – за целиот овој период растеле парите што се одвојуваат за образование во апсолутна сума. Но, тој раст бил значително помал од растот на богатството кое го произведува земјата, односно Бруто домашниот производ.
Николовски: Тоа се должи на неинвестирањето во образованието затоа што во најголем дел порастот е во расходи за плати во последните години и во најголем дел е за отворање на нови универзитети. Ако во 2006 година сме го имале Универзитетот во Скопје, Битола и Тетово, потоа во 2008 се отвораат „Гоце Делчев“ во Штип и тој во Охрид, и во 2016 се отвора „Мајка Тереза“. Тука има некои поголеми капитални инвестиции, но генерално другите универзитети, постоечките државни, се соочуваат со многу малку капитални инвестиции, многу малку средства за наука итн.
360°: И сега споменувате во 2023 е 0,71% од БДП, за високо образование зборуваме, тоа е историски минимум во однос на периодот кој го анализирате, со оглед на тоа што нема податоци за последнава година, за 25-та и 26-та. Кои се главните фактори кои влијаат на ова според вас?
Николовски: Што се однесува на расходите за високо образование како процент од БДП во 2023 – историскиот минимум, да, точно, 0,79%. Сега има мало зголемување 2024 бидејќи имаме податоци за колку изнесувал Бруто домашниот производ тогаш. Тоа се должи затоа што во 2024 имаше зголемување големо на платите на професорите и во 2025. Тоа може да се види и во учеството на расходите за високо образование во вкупните расходи во нашиот буџет. Но од 2008, па наваму тоа целосно намалување се должи на истите фактори. Значи нема големи капитални инвестиции, освен отворањето на новите универзитети. На пример УКИМ во 2008/2009 учеството на капитални инвестиции во вкупниот буџет е околу 9%, сега се сведува на 3 до 4% учество на капитални инвестиции во вкупниот буџет. Најголем дел оди за плати, за стоки и услуги.
Токму анализата на капиталните инвестиции го одвела Николовски и до друг заклучок. Според него, бројките покажуваат дека нема рационално оправдување на политиката да се отвораат нови универзитети. Особено ако на тоа се додаде фактот дека бројот на студенти се намалува.
„Да речеме од 2008/2009 бројот на студенти коишто се на државните универзитети изнесува околу 50 000, 2024/2025 – 40 000. Значи ние бележиме 10 000 студенти намалување на бројката на студенти за 10 000, а во меѓувреме вложуваме во отворање на нови универзитети, а за постоечките универзитети капиталните инвестиции се намалуваат. Значи ниту го задржуваат тој константен обем којшто бил, туку средствата се намалуваат. Па така се соочуваме од една страна да се вложува во некои универзитети каде што бројката на студенти е помала од некои факултети на другите универзитети во државата, а во исто време некои студенти немаат нормални услови за студирање. Да не зборуваме понатаму и за условите и во студентските домови, услови за живеење и слично додека си студент“,
кажа Николовски.
Тоа што и тие пари што одат во образованите не се вложуваат во капитални инвестиции и наука, води до пад на меѓународните рангирања на јавните универзитети, вели Николовски.

Николовски: Освен УКИМ што е рангиран на 440-то место на QS листата, којашто е на европската QS листа, а не на официјалната, туку на локалната, покажува дека нашите универзитети не произведуваат доволно. Значи не произведуваат доволно трудови, не се следи вработливоста на студентите, освен УКИМ другите универзитети не следат што прават нивните студенти по завршување на факултетот. Значи не е битно само да се даде дипломата, многу е клучно да се види дали тој студент потоа ќе се вработи, за каква плата ќе се вработи, на кое место, дали во институција, дали во компанија и слично.
360°: Тоа велите освен УКИМ не го следат другите универзитети по завршување на студентите?
Николовски: Да, другите универзитети, другите државни универзитети не следат дали нивните студенти се вработиле. Така да во рамки на мојата анализа каде што јас следам колкава е вработливоста на студентите по дипломирањето, можев да преземам податоци само од УКИМ затоа што другите универзитети немаат такви податоци.
Истражувајќи ја темата, Николовски дошол и до заклучок дека има области каде финансирањето е очигледно зголемено. Во апсолутни бројки, за околу два и пол пати се зголемени парите кои државата ги издвојува по студент. Односно ако во 2009 година се издвојувале приближно 1600 евра по студент, во 2025 достигнува околу 4300 евра по студент.
Но, и тоа е далеку зад европските стандарди.

Николовски: Во дел на влезни индикатори коишто се анализираат се расходи по студент, значи колку државата по студент вложува. Околу 4.000, 4.500 евра е просекот којшто се вложува по студент во Македонија, додека европскиот просек е околу 10.000 евра по студент за високо образование. Значи ние некаде пола вложуваме од европскиот просек, додека пак скандинавските земји вложуваат и од 15 до 20.000 евра по студент за високо образование.
360°: Прв и втор циклус?
Николовски: За целото високо образование, да. Понатаму имаме број на наставници, број на студенти по наставник, односно на еден наставник колку студенти има. Тука имаме подобрување, подобри сме од Европската Унија. Значи ако европскиот просек е околу 15 студенти на еден наставник, кај нас е 10 студенти на еден наставник, што значи дека наставникот може да се фокусира на помал број на студенти. Но од друга страна што може тоа да значи? Тоа може да биде и проблем дека имаме поголем број на наставници од што е потребно. Да речеме дел од тие наставници може да се пренасочат да бидат само истражувачи, да произведуваат повеќе научни трудови, да работат само научно-истражувачка работа, додека пак кај нас во најголем дел од професорите на факултет се оние коишто ги работат двете работи.
Врз основа на заклучоците до кои дошол, Николовски изготвил и препораки. Централно место зазема начинот на финанасирање на јавните универзитети – наместо сегашниот модел, тој предлага критериум да бидат перформансите.

„Што универзитетите произведуваат, стапка на дипломираност, стапка на вработеност, понатаму научна продуктивност, колку од професорите објавуваат трудови, но тоа да биде запазено со клучна евалуација, на каков начин да не биде тоа само како да кажам давање на дипломи, туку да биде квалитетно, да се воведе квалитет, а тој квалитет се унапредува преку соодветна евалуација. Понатаму, да се оптимизира односот на бројот на студенти и наставници, да се склучат повеќегодишни договори за финансирање со универзитетите“,
рече Александар Николовски.
Нов модел на финансирањето на државните универзитети е идеја со која се согласува и Министерството за образование, барем ако се суди по неколкумесечната кампања на владиниот ресор за измените на Законот за високо образование. Тој модел, сепак, се разликува од она што го предлага младиот магистер на науки.
Па, „360 степени“ упати и неколку прашања до министерството за дел од заклучоците и препораките во трудот на Николовски. Не добивме став до затворањето на сторијата.

Доцна попладнето од Министерството за образование одговорија дека се зголемуваат средствата кои државата ги издвојува за високо образование и дека се подготвува нов закон кој предвиудва нов модел на финансирање на универзитетите.
„Информираме дека во процес на изработка и усвојување е нова законска рамка за високото образование, по што ќе следи и изработка на нова формула за финансирање на високообразовните установи која секако ќе има и стимулативна компонента, односно распределба на средства според учинок, но и по број на студенти, кадар и слично. Инаку, буџетот наменет за универзитетите значително расте во последните 3 години, па така во 2023 година изнесуваше 3,77 милијарди денари, додека во 2026 изнесува над 8 милијарди. Очекуваме овој тренд да продолжи заради обезбедување функционалност и одржливост на квалитет на високото образование“,
одговорија од МОН.
