Според него, Македонија има солидни резултати во областа на замената на колкови, но дека сè уште заостанува зад земјите од регионот кога станува збор за операциите за замена на колена
За долгите листи на чекање, директорот на ФЗО посочи дека дел од пациентите инсистираат да бидат оперирани кај одреден хирург, иако кај други лекари има слободни термини
Над 650 пациенти во земјава чекаат за вградување вештачки колк, рече денеска генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Сепак, пристапот до операции за замена на колк и колено, како што додаде, бележи значително подобрување.

Според него, во последните години е регистриран значителен пораст на бројот на извршени операции на колк и колено. Во текот на 2025 година биле реализирани вкупно 4 044 интервенции во 14 јавни здравствени установи, што претставува зголемување од 9,9 проценти во споредба со 2023 година.
Посочи дека Македонија има солидни резултати во областа на замената на колкови, но дека сè уште заостанува зад земјите од регионот кога станува збор за операциите за замена на колена.
„Овие бројки потврдуваат дека пристапот до операции за замена на колк и колено значително се подобрува. Следува отворање на оперативните блокови на Клиничкиот центар и во ГОБ ‘8 Септември‘, како и понатамошен развој на коленската артропластика“,
вели Клековски.
Ги презентираше и препораките за дополнително подобрување на системот, меѓу кои се навремено распишување тендери најмалку четири месеци пред истекот на договорите, воспоставување континуиран синџир на снабдување, групни и рамковни набавки за поефикасно управување со резервите, стандардизација на клиничките патеки, намалување на разликите во должината на болничкиот престој меѓу здравствените установи и формирање централен регистар на листи на чекање со максимален рок од три месеци за неитни интервенции.
Одговарајќи на новинарско прашање за долгите листи на чекање, Клековски посочи дека дел од пациентите инсистираат да бидат оперирани кај одреден хирург, иако кај други лекари има слободни термини.
„Листите на чекање се такви какви што се, меѓу другото, во ‘8 Септември‘ и на Клинички, затоа што поединци сакаат да се оперираат кај одреден хирург, а не кај некого кај кого има можеби слободен термин“,
рече тој.
Според него, во анализата не се вклучени пациенти од приватните здравствени установи во државата.
