Во демаршот се наведува дека поморскиот дрон што бил пронајден во грчките територијални води сериозно го загрозил поморскиот сообраќај и потенцијално можел да предизвика загуби на невини цивили, како и да предизвика непроценлива еколошка штета. Се додава дека правото на Украина на самоодбрана не може да ги оправда ваквите дејствија, бидејќи со префрлање на воените операции на Медитеранот, далеку од вистинскиот фронт на војната, се доведува во прашање националната безбедност на Грција
Атина поднесе протестен демарш до Киев поради украинскиот поморски дрон што на 7 мај годинава беше забележан од рибари кај Лефкада, објави денеска Министерството за надворешни работи на Грција.

Во демаршот се наведува дека поморскиот дрон што бил пронајден во грчките територијални води сериозно го загрозил поморскиот сообраќај и потенцијално можел да предизвика загуби на невини цивили, како и да предизвика непроценлива еколошка штета. Се додава дека правото на Украина на самоодбрана не може да ги оправда ваквите дејствија, бидејќи со префрлање на воените операции на Медитеранот, на голема оддалеченост од вистинскиот фронт на војната, се доведува во прашање националната безбедност на Грција.
„Грција го изразува своето силно противење на нелегалното присуство на вооружениот беспилотен поморски брод во грчките територијални води и ја повикува Украина да се воздржи од слични дејствија во иднина и од неоправданото префрлање на воените операции во Медитеранот“,
се додава во демаршот.
Грчкиот весник „Катимерини“ пред неколку дена објави дека шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис ја информирал високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас за наодите од извештајот на Генералштабот за национална одбрана, кој покажал дека дронот ѝ припаѓа на Украина и дека бил дел од поширока мисија, во која би учествувале и други слични системи за удар врз бродови од руски интереси.
Пловниот објект без екипаж беше пронајден од локални рибари кај островот Лефкада на 7 мај годинава.
