Според иницијативата, последицата од ваквата одлука е тоа што граѓаните наместо преку јавно достапни извештаи, ќе мора да поднесуваат барања за пристап до информации од јавен карактер и да чекаат до 20 дена за да добијат податоци за спроведените инспекциски контроли
Во реакцијата се посочува и дека додека министерот за животна средина Муамет Хоџа во март најавуваше воспоставување јавно достапен Регистар на загадувачи, ДИЖС, кој работи под ингеренциите на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), во меѓувреме ги укинува единствените јавно достапни информации за инспекциските контроли кај потенцијалните загадувачи
Од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ денеска обвинуваат дека Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) ја прекина практиката на објавување неделни извештаи за извршените инспекциски надзори, без јавно образложение и без претходна најава.

Оттаму велат дека до март 2026 година ДИЖС редовно објавувал извештаи преку кои јавноста можела да добие увид во работата на инспекциските служби, односно каде се вршат контроли, кои субјекти се инспектирани и дали се утврдени неправилности.
Оваа практика, како што се вели во соопштението од иницијативата, не е предвидено да биде укината во Годишните планови за работа на институцијата за 2024 и 2025 година, каде транспарентноста е наведена како едно од основните начела.
„Стоп за Усје“ побара одговори од ДИЖС на прашањата кој ја донел одлуката за прекин на објавувањето на извештаите, со кој акт е донесена и врз основа на каква анализа е направена проценката дека јавноста треба да добива помалку информации.
Но, одговорот што го добиле од Инспекторатот гласи:
„Неделните извештаи не беа законска обврска и поради тоа истите нема веќе да бидат објавувани“.
Од „Стоп за Усје“ оценуваат дека ваквата одлука е загрижувачка, особено во услови кога во ДИЖС се спроведува ЕУ Твининг проект насочен кон зголемување на транспарентноста, подобрување на комуникацијата со јавноста и развој на платформа со податоци за инспекциски надзори и индустриски капацитети.
„Додека ЕУ инвестира во поголема транспарентност и достапност на податоците, ДИЖС во пракса ги намалува информациите што им се достапни на граѓаните“,
наведуваат од „Стоп за Усје“.
Според иницијативата, последицата од ваквата одлука е тоа што граѓаните наместо преку јавно достапни извештаи, ќе мора да поднесуваат барања за пристап до информации од јавен карактер и да чекаат до 20 дена за да добијат податоци за спроведените инспекциски контроли.
Од „Стоп за Усје“ бараат објаснување како укинувањето на неделните извештаи е усогласено со целите на ЕУ Твининг проектот и со заложбите за поголема транспарентност наведени во годишните програми на институцијата.
Во реакцијата се посочува и дека додека министерот за животна средина Муамет Хоџа во март најавуваше воспоставување јавно достапен Регистар на загадувачи, ДИЖС, кој работи под ингеренциите на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), во меѓувреме ги укинува единствените јавно достапни информации за инспекциските контроли кај потенцијалните загадувачи.
Според иницијативата, тоа претставува чекор назад во обезбедувањето јавен увид во спроведувањето на еколошките стандарди и контролите.
