Како што информираат од Финансиската полиција, се вршат претреси на домови, деловни простории и лица на повеќе локации
Дел од медиумите, повикувајќи се на неофицијални информации, објавија дека меѓу приведените е и поранешен директор на Царинската управа и ексградоначалник на Општина Карпош од редовите на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) поради сомнежи за злоупотреби при спроведување постапки за јавни набавки
Повеќе лица се приведени под сомнежи за корупција во рамки на акција што денеска ја спроведува Управата за финансиска полиција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Од Финансиската полиција информираат дека во текот на денешниот ден овластени службени лица, постапувајќи по наредби издадени од судија на претходна постапка и под раководство на надлежен јавен обвинител од ОЈО ГОКК, вршат претреси на домови, деловни простории и лица на повеќе локации.
Акцијата, како што се вели во соопштението, произлегува од предистражна постапка насочена кон откривање и документирање на повеќе кривични дела од областа на финансискиот криминал и корупцијата.
„Постојат основи на сомнение дека делата се извршени од службени и други лица што го искористиле своето влијание, општествена положба и углед со цел стекнување противправна имотна корист од големи размери“,
велат од Финансиска.
Од ОЈО ГОКК потврдија дека во координација со Финансиската полиција се спроведува акција поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела од коруптивна природа.
Оттаму посочија дека акцијата е во тек и засега не можат да откријат повеќе детали.
Дел од медиумите, повикувајќи се на неофицијални информации, објавија дека меѓу приведените е и поранешен директор на Царинската управа и ексградоначалник на Општина Карпош од редовите на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) поради сомнежи за злоупотреби при спроведување постапки за јавни набавки.
