Според примените и потрошените вакцини, се евидентираат во посебен модул на „Мој термин“, но не и во деловните книги на Институтот, со што не е воспоставена сметководствена и материјална евиденција на примените и потрошени залихи
Институтот за јавно здравје, како што нотира извештајот, доцнел и со клучни извештаи за состојбата на здравјето на населението. Според ревизорите, извештаите за здравствениот кадар, заразните болести, употребата на психоактивни супстанци, користењето дроги и влијанието на загадениот воздух не биле изготвени во текот на годината, а дел од нив биле подготвени дури во 2025 година, кога веќе ја изгубиле својата актуелност и употребна вредност
„Дупки“ во евиденцијата за прием и потрошувачка на медицински материјал, неспроведени активности од Национална годишна програма, неправилности со ангажман лица со договор на дело и неевидентирани вакцини во деловните книги, се дел од неправилностите што Државниот завод за ревизија ги констатирал во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во 2024 година.

Имено од државниот ревизор денеска го објавија извештајот за извршена ревизија на финансиските извештаи на Јавната здравствена установа заедно со ревизијата на усогласеност на на сметката за средства од програмите за здравствена заштита, сопствено учество на осигурените лица во цената на здравствената услуга и други средства од сопствени приходи за 2024 година.
„Изразивме неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2024 година“,
се вели во извештајот.
Дополнително, во него се наведува дека препораките дадени во Конечниот извештај на државниот ревизор од 12 април 2018 година, покажуваат дека од дадените петнаесет препораки, спроведени се четири, една е во тек, седум се делумно спроведени, додека три се водат како неспроведени.
Што се однесува до ревизијата на финансиските извештаи на Институтот за 2024 година, од ДЗР утврдиле дека:
- за приемот и потрошувачката на медицински материјали не е воспоставена целосна евиденција и не е извршено усогласување на податоците од сметководствената и материјалната евиденција со спроведениот физички попис на сите потрошни материјали;
- приемот и потрошувачката на вакцини не е евидентиран во деловните книги;
- попис на побарувањата не е направен во целост, а за побарувања во износ од 18 245 илјади денари кои се постари од три години не се преземени активности за наплата;
- активности предвидени со Националната годишна програма за јавно здравје за 2024 година не се спроведени во целост;
- неправилности поврзани со ангажирани лица со договор на дело и
- недоследности при издавањето простор на Институтот под закуп.
Во извештајот се нотира дека и понатаму неизвесна останува наплатат на ненаплатените побарувања од Министерството за здравство за извршени здравствени услуги по програми за здравствена заштита во износ од 17 058 000 денари или околу 277 000 евра наплата е неизвесна.
Во врска со констатираните недоследности во водењето на евиденцијата за прием и набавка на медицински и немедицински материјали, ревизорот утврдил дека примените стоки се евидентирани со задоцнување од една година, односно во дадена година се вршел прием на стоки од претходната година.
„Имено, во 2024 година евидентиран е прием на стоки по фактури од 2023 година во износ од 1 155 000 денари, а на почетокот на 2025 година евидентиран е прием во вкупен износ од 1 638 000 денари по фактури од претходната година“,
се наведува во извештајот на ДЗР.

Дополнително, според ДЗР, во Институтот за јавно здравје – Скопје нема синхронизација меѓу деловните книги во магацинот каде евиденцијата се води рачно, со софтверот за материјално работење, поради што за дел од испратениците приемот во одделенијата на институцијата е внесен, но не е потврден во компјутерскиот систем.
Поради ваквата состојба, податоците за извршениот прием во одделенијата се нецелосни и на крајот на годината постои разлика со податоците за евидентираниот излез од магацинот во износ од 7 740 000 денари или околу 126 000 евра.
Во извештајот на државниот ревизор се нотира и дека во рамки на софтверот за материјална евиденција се генерираат податоци за финансиска и материјална потрошувачка за секое одделение поединечно, а евидентирањето на потрошокот на материјалите се врши збирно на крајот на секој месец при што отсуствува податок за потрошувачка по пациент, што е во спротивност со Законот за здравствена заштита.
„Состојбата на залихите во материјалната евиденција на 31.12.2024 година е прикажана на износ понизок за 487 илјади денари од податоците искажани во финансиската евиденција што не е во согласност со член 6 став 2 од Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници во кој е превидено дека со сметководствената евиденција треба да се обезбеди целосно согледување на состојбата на залихите со кои располага Институтот“,
се наведува во извештајот на ДЗР.
Ревизијата на ДЗР во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) утврдила дека има пропусти во евиденцијата на вакцини.
Имено, како што појаснуваат од ДЗР, согласно Програмата за задолжителна имунизација, Министерството за здравство во име и за сметка на Јавните здравствени установи, меѓу кои и Институтот за јавно здравје, набавува вакцини за имунизација на населението. Воспоставената пракса вели дека вакцините се испорачуваат до Институтот од страна на економскиот оператор чија понуда била избрана за најповолна, со документи испратница која содржи податок за испорачаните количини, но не и за нивната вредност. Примените и потрошените вакцини потоа се евидентираат во посебен модул на „Мој термин“, но не и во деловните книги на Институтот.
Со ваквиот начин на постапување, се нотира во извештајот на ДЗР, не е воспоставена сметководствена и материјална евиденција на примените и потрошени залихи вакцини.

Институтот за јавно здравје, како што нотира извештајот, доцнел и со клучни извештаи за состојбата на здравјето на населението. Според ревизорите, извештаите за здравствениот кадар, заразните болести, употребата на психоактивни супстанци, користењето дроги и влијанието на загадениот воздух не биле изготвени во текот на годината, а дел од нив биле подготвени дури во 2025 година, кога веќе ја изгубиле својата актуелност и употребна вредност.
„Нецелосната реализација на програмските активности и недостигот на клучни податоци и извештаи од областа на јавното здравје, оневозможуваат согледување на состојбите во здравствениот систем во државата и ја ограничуваат можноста за соодветно планирање и креирање на јавно-здравствените политики од страна на надлежни институции“,
велат од ДЗР во извештајот.
