Езерото ќе биде дел од Натура 2000, ако преживее
Порталот „Призма“ денеска објави сторија за популацијата на птици на Дојранското Езеро, нивното значење за екосистемот на ова подрачје и мерките што можат и се преземаат за зачувување на птичјиот фонд на езерото кое е прогласено за споменик на природата.

„Порано напаѓаа по 2-3 илјади корморани во зима, сега дали пет корморани ќе најдете“, вели Злате Талески, дојранец родум од Прилеп, потсетувајќи се на подобри времиња за природата на Дојранско Езеро, ја почнува „Призма“ сторијата.
Барем пет корморани најдовме. Едно мало јато од овие птици одмaраше на напуштена рибарска колиба меѓу Стар и Нов Дојран, во друштво на една чапја, неколку галеби и гаврани. Во далечината можеа да се видат седум бели точки, пеликани што пловеа на езерската вода некаде во близина на граничната линија.
Тоа беше речиси целиот птичји фонд што можевме да го видиме во едно пролетно попладне, на езерото прогласено за споменик на природата, според македонските закони, има меѓународен статус на рамсарско подрачје, а, исто така, е потенцијално Натура 2000 подрачје од европско значење. Сите овие титули ги има добиено главно поради важноста што ја има за птиците.
За едно место да биде поволно за птиците, посебно влажно живеалиште како Дојранско Езеро, тоа треба да биде богато со риби, воден свет, трски, растенија, чиста околина покрај брегот – целиот екосистем треба да биде зачуван. За да се постигне тоа, за езерото е изработен план за управување, кој сè уште не е донесен, иако веќе му тече рокот за примена (2026-2035 година).
Дојранското Езеро е едно од вкупно 11 подрачја во Македонија предложени да станат дел од европската мрежа Натура 2000. Тоа е мрежа од околу 27 илјади специјални заштитени подрачја низ целата Европска Унија, кои зафаќаат речиси 18 отсто од нејзината копнена површина. Земјите кандидати регистрираат потенцијални подрачја, кои би влегле во оваа мрежа откако тие ќе станат членки на Унијата.
Вклученоста во Натура 2000 овозможува соработка со други подрачја од мрежата за подобра заштита на живеалиштата и на видовите на европско ниво, како и финансиска поддршка од Европската Унија за да се остварат тие цели. Научни истражувања покажале дека мрежата, иако сè уште не успеала целосно да ја запре загубата на природните богатства на ЕУ, сепак значително ја забавила деградацијата.
Токму студија за птиците подготвена од француски научници, објавена во 2021 година, покажала дека падот на бројноста на популациите бил значително помал во подрачјата вклучени во мрежата, отколку во тие надвор од неа. Тоа покажува дека да се биде дел од Натура 2000 ги зголемува шансите за едно подрачје да ги зачува своите природни вредности на долг рок.
Целата сторија можете да ја прочитате на тука.
