Реакцијата на партијата, чиј кадар беше Арбен Фетаи, следува откако вицепремиерот за добро владеење, кој подолг период отсуствуваше од работа, денеска објави дека и формално поднел оставка од функцијата и ја доставил до премиерот Христијан Мицкоски
Владејачката партија Влен вечерва изрази благодарност до Арбен Фетаи за досегашното извршување на вицепремиерската функција во Владата, додавајќи дека ја почитуваат одлуката да се повлече од позицијата.

Реакцијата на партијата, чиј кадар беше Фетаи, следува откако вицепремиерот за добро владеење претходно денеска објави дека и формално поднел оставка од функцијата и ја доставил до премиерот Христијан Мицкоски.
„По повод оставката на Арбен Фетаи од функцијата вицепремиер за добро владеење, изразуваме благодарност за неговиот досегашен ангажман, коректност и придонес. Во извршувањето на оваа одговорна функција, Фетаи покажа сериозност, професионалност и посветеност кон принципите на добро владеење, отчетност и институционална одговорност. Ја почитуваме неговата одлука и му се заблагодаруваме за соработката и придонесот што го даде во овој период. Му посакуваме добро здравје, успех и сѐ најдобро во иднина“,
велат од Влен.
Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи подолг период не се појавуваше на работа, а денеска соопшти дека поднел оставка од функцијата. Во оставката до премиерот, тој изрази благодарност за укажаната доверба, но додаде дека во сегашните околности повеќе не постојат неопходните услови за функцијата да ја извршува со потребната ефикасност и поради тоа се повлекува од должноста.
