Во оставката до премиерот, која Фетаи ја објави на Фејсбук, тој изрази благодарност за укажаната доверба да ја врши функцијата вицепремиер за добро владеење, но додава дека во сегашните околности повеќе не постојат неопходните услови за функцијата да ја извршува со потребната ефикасност и од тие причини се повлекува од должноста
Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, кој веќе подолг период не се појавува на работа, денеска соопшти дека поднел оставка од функцијата и ја доставил до премиерот Христијан Мицкоски. Во објавата на Фејсбук во која информира за оставката, Фетаи вели дека од функцијата заминува со крената глава и чиста совест.

„Ова е добро смислена одлука, донесена со уверување дека во моментните околности е најправедниот и најдостоинствениот чекор. Во текот на овие две години имав чест и привилегија да ѝ служам на земјата придонесувајќи за реформи насочени кон зајакнување на одговорноста, транспарентноста и владеењето на правото. Им благодарам на сите што веруваа во мене, ме поддржуваа и соработуваа на ова патување. Дали сум целосно задоволен со постигнатото? Секако дека не. Секогаш има место за повеќе и за подобро. Но, дали работев со најголема посветеност да поставам цврсти темели на кои може да се гради понатаму? Без двоумење, да“,
пишува Фетаи на Фејсбук.
Во оставката до премиерот, која Фетаи ја објави во прилог на фејсбук-статусот, тој изрази благодарност за укажаната доверба да ја врши функцијата вицепремиер за добро владеење, но додава дека во сегашните околности повеќе не постојат неопходните услови за функцијата да ја извршува со потребната ефикасност и од тие причини се повлекува од должноста.
Премиерот Христијан Мицкоски попладнево во изјава за медиумите потврди дека Арбен Фетаи поднел оставка.
„Ние разговаравме, господинот Фетаи поднесе оставка кон крајот на денешното работно време, а ќе биде архивирана утре. Во оставката тој се заблагодарува за работата со мене како претседател на Владата, со колегите во Владата, вели дека за него било задоволство и дека уживал. Утре ќе биде објавена во јавноста“,
изјави Мицкоски и повтори дека во текот на месецов се очекува најавената владина реконструкција.
Вицепремиерот Арбен Фетаи веќе подолг период не се појавуваше на работа, а според информации од изминатиот период, последните негови јавни активности како носител на функцијата датираат од март. Во април годинава премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Фетаи лично му пренел оти во иднина не се гледа во владата што тој ја предводи и оти планира да се врати во Брисел, каде што има и претходно професионално искуство.
Ова следуваше откако претходно министерот за здравство Азир Алиу во интервју за „360 степени“ рече дека неговиот колега во Владата и сопартиец во ВЛЕН во последниот период не доаѓа на владините седници.
