Потребата од ваков специјализиран центар, како што посочуваат од Министерството за здравство, е заснована на податоците од Институтот за јавно здравје и Клиниката за детски болести, според кои над 30 проценти од децата на возраст од 6 до 9 години во земјава се со зголемена телесна тежина, а речиси 14 отсто од нив се соочуваат со екстремна дебелина
Центар за менаџирање и третман на дебелина кај децата отворен е во рамки на Клиниката за детски болести во Скопје – информира денеска од Министерството за здравство.

Потребата од ваков специјализиран центар, како што посочуваат оттаму, е заснована на податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и Клиниката за детски болести, според кои над 30 проценти од децата на возраст од 6 до 9 години во земјава се со зголемена телесна тежина, а речиси 14 отсто од нив се соочуваат со екстремна дебелина.
„Отворањето на овој центар претставува исклучително важен и долгоочекуван чекор во нашиот здравствен систем. Детската дебелина не е само естетски или нутриционистички проблем, туку комплексна состојба, која бара ран и мултидисциплинарен пристап. Затоа овој центар овозможува тим од педијатри ендокринолози, нутриционисти, психолози и физијатри заеднички да работат со децата и со нивните семејства“,
изјави министерот за здравство Азир Алиу на денешното отворање на Центарот.
Министерот објаснува дека како и кај другите центри за менаџирање на дебелината, пристапот до услугите ќе се одвива преку системот „Мој термин“.
„Матичниот лекар или матичниот педијатар првин ја евидентира состојбата и доколку има потреба од специјалистички третман издава упат директно за Одделот за ендокринологија со молекуларно-генетска дијагностика, во чиј состав е и Центарот на Детската клиника. Таму се спроведуваат детални молекуларно-генетски, хормонални и метаболистички испитувања за да се утврди точната причина за обезноста и да се одреди индивидуален план за лекување“,
додава Алиу.
Од Здравство посочуваат дека навремениот третман на дебелината кај децата спречува сериозни здравствени проблеми во тинејџерските години и подоцнежната возраст како дијабетес тип 2, кардиоваскуларни нарушувања и висок крвен притисок, ортопедски проблеми, како и психолошки проблеми, социјална изолација и стигматизација.
