Примарното очекување на Владата во Скопје, рече шефот на дипломатијата, е да се постават јасни институционални гаранции дека ова ќе биде последната пречка од билатерален карактер за Македонија и второто прашање за кое се дискутира е непримената на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) од страна на соседна Бугарија
Одговорајќи на дополнително прашање тој рече дека по првата средба со својата бугарска колешка не е преголем оптимист оти во Софија има расположение за приближување на позициите, но сепак, како што додаде, мора да работиме на градење позитивна атмосфера
Коментирајќи го писмото на германскиот канцелар Фридрим Мерц во врска со проширувањето, Муцунски рече дека земјава е подготвена за сите решенија што водат до полноправно членство во Европската Унија, што недвосмислено е наша крајна цел
Шефот на македонската димпломатија Тимчо Муцунски вели дека Владата останува на своите позиции за гаранции дека кон земјава веќе нема да има барања поврзани со историјата, идентитетот и културата на македонскиот народ од страна Бугарија во процесот на пристапните преговори за членство во Европската Унија. На ова, дополнително, се надоврзува и инстирањето на македонската страна официјална Софија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбир во врска со македонското малцинство во Бугарија.

Муцунски денеска ова го кажа одговарајќи на новинарски прашања за очекувањата што македонската влада ги има од утрешната посета на земјава на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој денеска ја започна својата турнеја низ земјите од Западен Балкан, а која доаѓа во пресрет на Самитот на држави од овој регион што кон крајот на неделата треба да се одржи во Тиват, Црна Гора.
Спорот со Бугарија, како што наведе министерот, со сигурност ќе биде една од темите на разговори со претседателот на Европскиот совет, кој, соред Муцунски, досега бил проактивен чинител и имал неколку обиди да помогне да се дојде до решение.
Прашан дали на маса ќе има некаков нон-пејпер, шефот на македонската дипломатија рече дека во моментот се разговара за идеи кои треба да доведат до достоинствено решение, што, како што рече, не било случај кога за ова прашање одлуките ги носела пртетходната владата.
„Знаете добро и тоа неколкупати сме го дискутирале, дека идеите доколку јавно ги презентираме, веднаш нема да имаат ефект. Имаме дискусија којашто трае од моментот на формирањето на оваа влада. Ние сме свесни дека има збор за кој треба да има достоинствено решение. Разликата меѓу нас и нашите претходници е што ние го ставаме тој збор ‘достоинство’ пред зборот ‘решение’, не решение да има по секоја цена, и во таа смисла повеќе идеи се споделени, нон-пејпер не постои, постојат идеи, се споделуваат со претставниците на Европската Унија, со претставниците на земјите членки, но сите идеи се во рамките на тие принципиелни очекувања, кои ние како држава ги имаме“,
рече Муцунски.
Примарното очекување на Владата во Скопје, рече шефот на дипломатијата, е да се постават јасни институционални гаранции дека ова ќе биде последната пречка од билатерален карактер за Македонија и второто прашање за кое се дискутира е непримената на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) од страна на соседна Бугарија, а кои се поврзани со малцински права во, како што кажа, една држава која е земја членка на Европската Унија.
Одговарајќи на дополнително прашање за тоа дали и бугарската страна е запознаена со нашите позиции, Муцунски рече дека на својата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова, за време на нивната прва средба пред десетина дена во Хелсинборг, Шведска, „прилично јасно ѝ ги кажал македонските позиции“.
„Идеите се дел од позициите. Кажав дека ако Бугарија има очекувања од нас, секако и ние имаме очекувања од Бугарија, бидејќи како што многу пати имаме кажано – ова не е еднонасочна улица. Бидејќи ја слушнав колешката дека зборуваше за барање решение, ние сме тие кои бараме решение, ние сме тие проактивните, но истовремено треба да има свест во Софија за одговорноста кон регионалната безбедност, спрема регионалната стабилност“,
рече Муцунски.
Надоврзувајќи се во одговорот, однесувањето на Софија кон ова прашање тој го оцени како неодговорно.
„Односот на Софија кон ова прашање во моментот е однос на неодговорност и негрижа. Ќе повторам, ние сме земји членки на НАТО и сме партнери во Алијансата, навистина е невидено во ова време партнери во Алијансата да си поставуваат таков тип на препреки едни спрема други. Јас ја повикувам Софија да погледне малку кон себе, да биде поодговорна кон регионалните процеси, коишто се и геополитички значајни“, рече Муцунски.
Прашан подиректно дали доколку земјва ги добие гаранциите што ги бара, би ги направила уставните измени, Муцунски го повтори ставот на Владата, наведувајќи дека тоа е пакетот на кој македонската страна инсистира.
„Заклучоци од страна на Советот дека за оваа држава повеќе нема да има барања поврзани со историја, со идентитет, со јазик и со култура, тоа се за нас дел од тој пакет гаранции, а дополнително за тоа го врзуваме и прашањето и за очекувањата на примена на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на соседна Бугарија. Јасно сме ја кажале нашата позиција дека доколку државата добие институционални гаранции од Советот, и потоа Бугарија реципрочно ги примени пресудите коишто треба да ги примени, тогаш очигледно сме во позиција каде што е изградена меѓусебната доверба“,
рече шефот на дипломатијата.

Одговорајќи на дополнително прашање, тој рече дека по првата средба со својата бугарска колешка не е преголем оптимист дека има располежение во Софија за приближување на позициите, но сепак, како што додаде, мора да работиме на градење позитивна атмосфера.
„Во овој момент не чувствувам дека некоја позитивна атмосфера доаѓа од Софија, но тоа е можеби затоа што се работи за почеток на мандат на влада, но наша работа е да градиме доверба, така што ние ќе продолжиме да работиме да ја градиме таа доверба“,
рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Уште една тема која се очекува да биде дискутирана со Кошта и на Самитот на Западен Балкан во Тиват е писмото на германскиот канцелар Фридрих Мерц, во кое тој предлага иновативни решенија за забрзување на процесот на проширување, ставајќи посебен фокус на Украина, но и на земјите од Западен Балкан и Молдавија.
Коментирајќи го писмото, Муцунски рече дека земјава е подготвена за сите решенија што водат до полноправно членство во Европската Унија, што недвосмислено е наша крајна цел.
„Прво, наша крајна цел е полноправно членство во Европската Унија, доколку европските институции и земјите членки донесат одлука за одредени промени во тој процес ние ќе го дадеме нашиот инпут, ќе го дадеме нашиот став, но не седиме на таа маса и ние не можеме да одлучиме. Така што ние треба да се подготвуваме за сите можни сценарија коишто можеме да ги антиципираме во моментот но секаде јасно да потсетуваме дека кон овој регион, кон оваа држава се давани долгогодишни сериозни ветувања и посветеност, а во рамките на тие ветувања од нас се барале низа отстапки, дел од нив поврзани со национални прашања. Сумирано, Европската Унија треба да одлучи како ќе ја гради политиката на проширување, ние треба да се подготвуваме за сите сценарија, но нашиот став е јасен, недвосмислен дека процесот треба да заврши со полноправно членство“,
рече Муцунски.
Инаку, во писмото до лидерите на Европската Унија, германскиот канцелар предлага Украина да добие модел на „асоцијативно членство“ како преодна фаза кон полноправно членство. Тој модел би овозможил учество на украинските претставници во работата на институциите на ЕУ без право на глас, како и постепена примена на европското законодавство.
Во однос на Западен Балкан и Молдавија, Мерц предлага забрзана и постепена интеграција преку привилегиран пристап до внатрешниот пазар на ЕУ и поблиско вклучување во европските институции.
Според него, ваквиот пристап би можел да создаде нова динамика во процесот на проширување и да ги поттикне реформите во земјите кандидати, но и да ја зајакне геополитичката улога на Европската Унија.
