„Америка на Трамп е држава во која трансакционата политика е прво и последно начело или принцип по кој се води политиката“, вели поранешниот шеф на државата во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

САД веќе не е светилник на демократијата на кој сите се угледувавме, Америка на Трамп е држава во која трансакционата политика е прво и последно начело по кое се води политиката – вели поранешниот претседател на државата Стево Пендаровски во интервју за „360 степени“ на МРТ1. На прашањето – зошто има критички став за поддршката од власта за надворешнополитичките потези на администрацијата на Доналд Трамп, ако САД се нашиот стратешки партнер, Пендаровски одговара:
„САД се стратешки партнер на Македонија само ако се држат до она што е напишано во договорот за стратешко партнерство. Ако е тоа таа Америка што ние ја знаеме. Сега ние не сме ни близу толку големи да можеме да бидеме нивни партнер во многу работи, јас тоа го разбирам, меѓутоа Америка на Трамп не е Америка што ја знаеме – не на Бајден, туку Америка што ја знаеме од Втора светска војна наваму. Америка повеќе не е демократија во таа смисла во која ние ја знаевме и беше светилник на демократијата на која сите се угледувавме. Америка на Трамп е држава во која трансакционата политика е прво и последно начело или принцип по кој се води политиката“.
Според него, С Македонија треба да има внимателен пристап со оглед на променетата политика на Вашингтон.
Пендаровски: Забележувате дека последниве денови некои луѓе се вадат од т.н. црна листа, листа на санкции на Америка, за кои во нивните домицилни држави тврдат дека се криминалци. Некои тврдат, немам јас докази за тоа, дека тоа е затоа што тие луѓе платиле некому којшто треба да ги извади од таа листа. Значи, има многу на показ, многу докази кои влечат кон тој заклучок дека со САД треба многу претпазливо затоа што Трамп, ако е трансакционен политичар, а е, со него треба да седнеме и да размислиме што ние како многу мала земја, со сиромашни ресурси, можеме да понудиме во таков тип политика.
„360 степени“: Имаме ли ние право на избор во тој дел?
Пендаровски: И притоа внимавајте, бидејќи сме по свесна одлука на владејачката партија самоблокирани кон Европа, тие сега прават алтернатива кон Америка, меѓутоа Америка е ваква. Внимавајте, најголемите приврзаници на Доналд Трамп на Балканот се луѓе кои не се познати како големи демократи. Значи, треба да гледаме, не затоа што сме географски лоцирани тука, туку затоа што Европската Унија како организација има примери, има земји, има принципи, има стандарди воспоставено кои треба да се следат и таму нема крупни отстапувања во тој дел. Тие се бавни, тие имаат еден процес на кој му треба месеци и години да решат нешто, ако решат, меѓутоа Европската Унија е демократски ентитет. САД во овој момент имаат минимум знак прашалник.

Пендаровски беше прашан и како му оди на Трамп со кризата со Иран и зошто не донесе мир во Украина, како што ветуваше.
„Не постои област во внатрешната американска политика или во надворешната американска политика каде што тој размислува стратешки. Тој е политичар од денес за утре. Со Иран не можеш да преговараш на таков начин. Иран е цивилизација која трае милениуми. Имаат режим кој апсолутно не е демократски, меѓутоа имаат структура таму и точно се знае кој за што е надлежен. Ова не е транзициона некоја држава во која вие можете да мешетарите. Украина – спорот во Украина има историски корени, политички корени, геостратешки резони. Таму да се осмелиш да направиш посебна тет-а-тет средба на Алјаска со човекот кој е обвинет од Меѓународниот кривичен суд, кој е директно виновен за интервенцијата, за инвазијата на Украина и да договараш олабавување санкции или економска соработка во време кога Украина и украинскиот народ страда на невиден начин, да му дадеш предност на тој човек, покажува дека тебе ти е повторно бизнисот или трансакциите од тој тип во преден план, а не принципи и демократски вредности“,
вели Пендаровски.
Пендаровски додава дека единствените логични потези на Трамп се тие кон ЕУ бидејќи Европа, како што вели, предолго беше под безбедносниот чадор на Америка.
„Мислам дека е време Европската Унија и од таа своја безбедносна и одбранбена димензија која постои децении и наназад да биде посериозна и конечно да се погрижи пред сè примарно за сопствената безбедност. А вака да чекате, не знам 60 илјади американски трупи во Германија и на други места да ве бранат ако нешто затреба, тоа е понижувачки за самата ЕУ. Значи, дотолку Европската Унија може да направи концепт според кој самата ќе се одбрани од Русија, од кој било друг, а нема да чека поддршка од поголемиот брат“,
вели ексшефот на државата.
