На седмиот конгрес на партијата, одржан вчера во Скопје, беа усвоени и неколку програмски документи како Декларација за заштита на трудот и Декларација за намалување на прекарната работа и несигурниот работен однос
На вчерашниот Седми конгрес на Нова социјалистичка партија (НСДП) кој се одржа во Скопје, за претседател беше реизбран досегашниот претседател на партијата, Горан Мисовски. Покрај неговиот реизбор, беа избрани седумдесет членови на Централниот одбор и девет членови на Надзорниот одбор.

Во партиското соопштение се наведува дека НСДП е определена за доследна и принципиелна борба против корупцијата, злоупотребата на функциите и судирот на интереси, како и за воспоставување систем за финансиска транспарентност и одговорно управување со јавните ресурси, со што би се изградила довербата на граѓаните во институциите и политичките партии.
„НСДП ја усвои Декларацијата за заштита на трудот имајќи ги предвид тешката општествена и економска положба на обичните работници, нефункционирањето на економско-социјалниот дијалог, понижувањето на синдикалната борба, како и отсуството на реални кризни мерки за поддршка на најранливите и најзагрозените граѓани. Затоа VII Конгрес на НСДП ја реафирмира заложбата за заштита на трудот и за негово вистинско вреднување во процесот на создавање и распределба на општественото богатство“,
соопштија од НСДП.
Оттаму велат и оти сметаат дека условите во земјата во која се погодени младите, жените, сезонските работници кои се соочуваат со нестабилност и ограничени можности за напредок, борбата против прекарната работа ќе претставува борба за достоинствен труд, развој на општеството и социјална правда.
„Со донесувањето на Етичкиот кодекс на НСДП се воспоставуваат јасни, применливи и обврзувачки стандарди на етичко однесување, како и основи за нивно доследно спроведување, со цел заштита на угледот на партијата, зајакнување на довербата на граѓаните и унапредување на политичката култура“,
заклучуваат оттаму.
Претседателот Мисовски во обраќањето на конгресот рече оти Владата наместо решенија, нуди конфликти, поделби и враќање на стари политики на страв и контрола, иако претходно уверувала дека ќе донесат финансиска дисциплина, стабилност и економски напредок.
