Полицијата тврди дека по пристигнување на договорените локации, оштетените биле пресретнувани од членовите на групата, снимани без нивна согласност, навредувани, омаловажувани, психички малтретирани и принудувани да даваат изјави дека се педофили

СВР Битола поднесе кривични пријави против шестмина млади битолчани, поради, како што соопшти МВР, основи на сомнение за сторени кривични дела „насилство“, „злоупотреба на лични податоци“, „неовластено снимање“ и „самовластие“.
Според МВР, од февруари минатата година, пријавените, дејствувајќи организирано како група, преку креирани профили на социјални мрежи користеле лажен профил преку кој се претставувале како 14-годишна малолетничка и воспоставувале комуникација со машки лица, по што договарале средби на повеќе локации на подрачјето на Битола.
„По пристигнување на договорените локации, оштетените биле пресретнувани од членовите на групата, снимани без нивна согласност, навредувани, омаловажувани, психички малтретирани и принудувани да даваат изјави дека се ‘педофили’, а создадените видео записи и нивните лични податоци биле јавно објавувани на социјални мрежи, со што кај оштетените предизвикале чувство на страв, понижување и загрозување на нивната сигурност“,
соопшти МВР.
Пријавите се против Н. Р. (22), М. И. (19), О. Н. (19), Л. Г. (19), А. Д. В. (18), како и 15-годишник – сите од Битола.
