Држава во која граѓаните се плашат од следната сметка не е стабилна држава, вели Мисовски од НСДП

Државата се движи во погрешна насока, оцени претседателот на НСДП, Горан Мисовски, на денешниот седми партиски конгрес. Тој во обраќање пред партиските делегати ја обвини актуелната власт за економска несигурност, поделби и „заробени институции“.
„Денес сме сведоци на влада која наместо решенија нуди конфликти, поделби и враќање на стари политики на страв и контрола. Слушавме уверувања дека ќе донесат финансиска дисциплина, стабилност и економски напредок. Ништо од тоа не се случи. Цените растат, платите не го следат животниот стандард, а сметките за храна, струја и лекови стануваат товар за граѓаните. Држава во која граѓаните се плашат од следната сметка не е стабилна држава“,
посочи Мисовски.
Од друга страна, тој вели дека НСДП во изминатите 20 години покажала одговорност и капацитет за носење тешки одлуки, ставајќи ја државата пред партиските интереси и граѓаните пред политиката.
„Во овие 20 години покажавме дека можеме да бидеме одговорни, дека можеме да носиме тешки одлуки и дека знаеме како да ја ставиме државата пред партијата, а граѓаните пред политиката. Не бегавме кога требаше одговорност, не молчевме кога беше потребен став и не ја ставивме партијата пред државата. Затоа денес можеме исправено да застанеме пред граѓаните и да кажеме: можеби не секогаш го избравме најлесниот пат, но секогаш се трудевме да го избереме правилниот“,
рече тој.
