Според францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез, немири се регистрирани во околу 15 градови во Франција и во нив се приведени речиси 400 лица, од кои околу 300 само во главниот град на земјата, Париз
Француската полиција привела повеќе од 400 лица кои учестувале во насилни судири во Париз и други градови во земјата што избувнале синоќа додека навивачите на Пари Сен-Жермен (ПСЖ) ја славеле победата над Арсенал во финалето на Лигата на шампионите, пренесуваат светските медиуми.

Седум полицајци биле повредени додека фудбалските навивачи палеле возила и контејнери и вандализрале продавници, изјави францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез, оценувајќи го насилството како апсолутно неприфатливо, пренесе „Гардијан“, повикувајќи се на извештаите на новинските агенции Асошиејтед прес (АП) и Ројтерс. Според нив, една мала група навивачи дури се обидела да влезе во полициска станица во Париз.
Според министерот за внатрешни работи, немири се регистрирани во околу 15 градови во Франција и во нив се приведени речиси 400 лица, од кои околу 300 само во главниот град на земјата.
Сепак, како што изјавил, официјалната прослава за втората последователна титула на ПСЖ во Лигата на шамоиони, планирана за денеска попладне на Шамп де Марс, во близина на Ајфеловата кула, ќе биде одржан според распордот, а потоа фудбалерите и стручниот штаб на ПСЖ ќе бидат пречекани од францускиот претседател во Елисејската палата.
Инаку, снимки емитувани од информативниот канал БФМ (BFM), покажуваат кратки судири околу „Паркот на принцовите“ – стадионот на ПСЖ во западен Париз, каде вчера вечер повеќе од 40 000 луѓе на огромни екрани го следеа финалето на „Пушкаш Арена“ во Будимпешта, во кој нивниот тим успеа да ја одбрани титулата европски клупски шампион.
До 23 часот, полицијата извршила повеќе од 130 апсења, а портпаролот на париската полиција за Ројтерс изјавил дека во нередите биле оштетени шест возила и излози на две продавници.
Според извештаите на дел од медиумите во Франција, некои навивачи на ПСЖ насочиле огномети кон полицајците кои возвратиле со солзавец за време на прославата на победата.
Како што пренесуваат агенциите, можел да се види и чад како се издига од неколку области за време на судирите, а полицијата во опрема за справување со немири била забележана како трча по група навивачи и ги гасне пиротехничките средства фрлени по улиците.

Француските власти, според извештаите, распоредиле 22 000 полицајци за да го одржат редот во главниот град, со цел да спречат реприза на минатогодишните немири кога две лица загинаа, а речиси 200 повредени при прославата на првиот триумф во Лигата на шампиони на УЕФА на ПСЖ, кој лани го совлада Интер од Милано во големото финале.
