Во деталите за случајот што ги сподели Обвинителството се вели дека осомничениот, без да ја почитува сообраќајната сигнализација со „аудито“ преку двојна полна лента навлегол во двете сообраќајни ленти за возилата од спротивен правец, свртувајќи во лево на раскрсницата, по што со предниот дел од возилото удрил во мотоцикл ‘бе-ем-ве’, додека во задниот дел на неговиот автомобил удрил мотоцикл ‘хонда хдв’, кои доаѓале од спротивна насока и се движеле паралелно
Од ОЈО Скопје бараат притвор за осомничениот поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и повторување на делото
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје донел наредба за спроведување истражна постапка и бара притвор за возачот на автомобилот кој учестуваше во тешката сообраќајна несреќа што вчера вечерта се случи на раскрсницата на булеварот „Никола Карев“ и улицата „Прохор Пчински“, кај Пластичарска во Скопје, а во која загина 19-годишен мотоциклист.

Како што соопштија доцна вечерва од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, осомничениот 31-годишник се товари за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик (КЗ).
Според Обвинителството, осомничениот не се придржувал до сообраќајните правила на раскрсницата со што го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. Дополнително, како што информираат оттаму, тој автомобилот марка „ауди А4“ го управувал по дејство на дрога.
Во деталите за случајот што ги сподели Обвинителството се вели дека осомничениот со „аудито“ се движел по булеварот „Никола Карев“, а кога дошол до раскрсницата со улицата „Прохор Пчински“ без да ја почитува сообраќајната сигнализација на двојна полна лента навлегол во двете сообраќајни ленти за возилата од спротивен правец, свртувајќи во лево на раскрсницата.
„Исто така, спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, возилото го управувал под дејство на наркотична дрога. Бидејќи не се придржувал кон прописите осомничениот свесно го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. Со предниот дел од автомобилот удрил во мотоцикл ‘бе-ем-ве’, додека во задниот дел на неговиот автомобил удрил мотоцикл ‘хонда хдв’, кои доаѓале од спротивна насока и се движеле паралелно“,
се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Од силината на ударот, се додава, оштетениот кој го управувал мотоциклот „бе-ем-ве“ се здобил со тешки телесни повреди од кои починал.
Во врска со предложната мерка притвор, од Обвинителството велат дека таа се бара бидејќи постојат околности кои укажуваат дека осомничениот може да побегне, да влијае на сведоци или да го повтори делото.
Предлогот за одредување мерка притвор е поднесен од судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје.
Претходно денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираат дека несреќата била пријавена вчера вечер во 22:21 часот и дека во неа учествувале 31-годишен возач на „ауди А4“ со иницијали Н.Х. , од селото Визбегово и двајца мотоциклисти – Н.Б (21) и М.Ф.(19) од Скопје.
Несреќата била фатална за деветнаесетгодишниот М.Ф., кој по здобиените тешки телесни повреди бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ но, и покрај напорите на медицинската екипа, починал во 23:11 часот.
По наредба на јавен обвинител, возачот на автомобилот беше лишен од слобода, а увид на местото извршија јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје.
Од Јавното обвинителство информираа дека во рамките на истражните дејствија за целосно расчистување на случајот, меѓу другото, биле обезбедени и снимки од видеонадзор.
