Шефот на Пентагон во Сингапур изјави дека претседателот на САД, Доналд Трамп е трпелив и сака да склучи, како што рече, одличен договор што ќе осигури дека Иран нема да добие нуклеарно оружје
Соединетите Американски Држави (САД) се подготвени да ги обноват нападите врз Иран одколку не се постигне договор за прекин на непријателствата, изјави денеска американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, додека во меѓувреме преговарачите од Вашингтон и Техеран работат на премостување на, како што се чини, големите разлики“ што го блокираат постигнувањето договор, пренесе Ројтерс.

„Ние сме повеќе од способни да продолжиме (со нападите) доколку е потребно. Нашите залихи се повеќе од соодветни за тоа, и таму и низ целиот свет, па затоа сме на многу добро место“,
изјави Хегсет во Сингапур.
Секретарот за одбрана на САД говорејќи во рамките на „Дијалогот Шангра-Ла“ – водечка конфереција во Азија за одбрана, рече дека дека Соединетите Држави не му го свртеле грбот на Азиско-пацифичкиот регион и покрај тоа што се во конфликт со Иран.
„Можеме да направиме две работи одеднаш. Ја засилуваме нашата одбранбена индустриска база, така што за многу скоро време ќе гради двапати, трипати, четирипати повеќе муниција за да се осигураме дека сите наши (оперативни) планови се на соодветно ниво низ целиот свет“,
наведе тој, пренесува новинската агенција.
Во тој контекст, шефот на Пентагон кажа дека претседателот на САД, Доналд Трамп е трпелив и сака да склучи, како што рече, одличен договор што ќе осигури дека Иран нема да добие нуклеарно оружје.
Инаку, Трамп, вчера изјави дека ќе има состанок во Белата куќа за да донесе конечна одлука за предлогот за прекин на војната со Иран, кој меѓу другото предвидува продолжување на прекинот на огнот, што беше постигнат на почетокот на април, за уште 60 дена, што треба да им даде време на преговарачите да се договорат околу потешките прашања за ставање конечен крај на конфликтот.
Војната што САД и Израел ја започнаа на 28 февруари против Иран, предизвика глобални економски проблеми со зголемување на цените на нафтата и нафтените деривати поради ефикасното затворање на Ормускиот теснец од страна на Иран.
