„Сега казните најмногу изнесуваат до 20 000 евра, а со измените кои ги очекуваме до крајот на летово, тие треба да бидат десетпати поголеми за сите кои го изигруваат Законот на грбот на производителите и добавувачите, а на крајот и на граѓаните кои ја плаќаат цената на производите“, изјави денеска заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески
Комисијата за заштита на конкуренцијата досега оформила околу 45 предмети и изрекла казни од околу 200 000 евра поради непочитување на Законот за нефер трговски практики од страна на трговците, информира денеска заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.

Законот за нефер трговски практики, како што изјави тој, во текот на летото ќе претрпи измени, кои во најголем дел ќе се однесуваат на казнената политика, со десеткратко зголемување на казните за трговците, но и за добавувачите. Сега, рече Ристески, казните изнесуваат најмногу 20 000 евра, а со измените на Законот, што се планираат тие би биле и до 200 000 евра.
„Практиката ни покажува дека треба да се направат одредени промени во Законот, пред се, од техничка природа за техничко доуредување на договорите помеѓу добавувачите и трговците, но најголемите промени се очекуваат во казнената политика и предвидуваме десеткратно зголемување на казните. Сега казните најмногу изнесуваат до 20 000 евра, а со измените кои ги очекуваме до крајот на летово, казните да бидат десетпати поголеми за сите кои го изигруваат законот на грбот на производителите и добавувачите, а на крајот и на граѓаните кои ја плаќаат цената на производите“,
изјави заменик-министерот за економија и труд, пренесе МИА.
Ристески информира и дека новиот годишен оперативен план за вработување млади претрприемачи треба да почне да функционира од следниот месец. Планот, како што кажа, веќе поминал на владина седница и треба да опфати невработени и лица од социјално загрозени категории, а особено се однесува на млади до 29 години.
„Во вторникот на владина седница беше донесен оперативниот план и се надевам дека од нареднава недела ќе биде и оперативен, односно, ќе може да го користат сите оние кои се пријавени како невработени лица и категории граѓани кои се опфатени со мерките во оперативниот план. Од вторник ќе излеземе со официјален став за сите нови мерки во оперативниот план и промени кои ќе ги има за да биде поефективен и подостапен за невработените лица, посебно за младите. Тука ќе биде опфатена и можноста за вработување на нашите иселеници за да може да дојдат и да се вработат тука“,
рече Ристески.
Целата на Владата и на Министерството за економија и труд, според Ристески, е преку активни мерки да се охрабрат младите да го искористат својот претприемачки и менаџерски дух и да отворат сопствени бизниси или да се вработат во постојните препријатија во земјава, а не да заминуваат надвор од државата.
Ваквите мерки според Ристески досега дале одлични резултати, а минатогодишниот оперативен план бил реализиран со стапка од дури 92 проценти.
„Во текот на 2025 година 12 000 лица ги користеле мерките од оперативниот план, а најатрактивна мерка е самовработувањето и преку 2 600 лица ја искористиле оваа мерка за да отворат сопствен бизнис и да се вработат“,
вели заменик-министерот за економија и труд.
