За време на затворањето, повеќе од 20 летови што требаше да слетаат во Минхен, беа пренасочени кон други аеродроми

Утрово на еден час беа прекинати летовите на аеродромот во Минхен, јужна Германија, откако двајца пилоти пријавиле дека виделе дрон, јавува „Ројтерс“, повикувајќи се на информации од аеродромот и полицијата.
За време на затворањето, повеќе од 20 летови што требало да слетаат во Минхен, биле пренасочени кон други аеродроми, изјави портпаролот на аеродромот.
Околу 9 часот наутро, двајца пилоти во одделни авиони на пистата пријавија дека виделе дрон над аеродромот, што доведе до затворање.
„Обемните полициски операции, вклучително и пребарување на областа со полициски хеликоптер, не дадоа резултати. Бидејќи можеше да се исклучи закана за воздушниот сообраќај, затворањето беше укинато во 10:05 часот наутро“,
изјавиле од полицијата.
Сомнежите поврзани со беспилотни летала во Минхен предизвикаа поголеми нарушувања во октомври минатата година, кога имаше и неколкукратно затворање на аеродромот.
