Унгарскиот премиер Петер Маѓар изрази благодарност за деблокадата на средствата, оценувајќи дека одлуката на Европската комисија претставува силен политички сигнал и потврда дека Будимпешта е сериозна во борбата против корупцијата
Европската комисија деблокира 16, 4 милијарди евра средства за Унгарија од замрзнатите фондови на ЕУ, објави денеска шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен, по средбата со унгарскиот премиер Петер Маѓар кој убедливо победи на парламентарните избори во Унгарија што се одржаа на 12 април годинава.

Средствата ќе бидат исплатени откако Унгарија ќе ги спроведе договорените реформи.
„Вашата влада дејствува брзо и решително за да ги исполни ветувањата дадени на унгарскиот народ, да го поттикне економското закрепнување, да се бори против корупцијата и да го врати владеењето на правото. За многу кратко време, веќе постои конкретен напредок. Ќе ги решиме сите отворени прашања и ќе работиме рака под рака во корист на Унгарија и Европската Унија“,
порача претседателката на Европската комисија, додавајќи дека Унгарија формирала влада во рекордно време, составена од министри кои се на самиот врв на своите професии.
Унгарскиот премиер Петер Маѓар изрази благодарност за деблокадата на средствата, велејќи дека едно од главните ветувања во предизборната кампања било дека ќе ги ослободи блокираните средства што им припаѓаат на Унгарците. Порача дека одлуката на Европската комисија претставува силен политички сигнал и потврда дека Будимпешта е сериозна во борбата против корупцијата.
„Три недели беа доволни за да се направи она што Виктор Орбан не можеше да го постигне за три години. Целта беше јасна од самиот почеток, преговаравме многу напорно и се боревме за секој евро цент“,
рече Маѓар на прес-конференцијата во Брисел.
Тој додаде дека парите ќе бидат искористени за обнова на земјата, поттикнување на економијата и јавните услуги, но и за зајакнување на конкурентноста на унгарските компании и малите и средни претпријатија.
