Судскиот совет одлучи да го суспендира судијата и поранешен претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски. Одлуката доаѓа откако обвинителството го обвини судијата за злоупотреби на АКМИС системот за електронска распределба на предмети, додека тој ја водеше скопска единица.

На истата, 315 седница на Советот, требаше да се донесе и одлука за утврдување на одговорност кај претседателот на Врховиот суд, Јово Вангеловски. Предлогот за разрешување на Вангеловски е активен повеќе од една година, затоа што заедно со уште двајца врховни судии составија мнозинство во петчлениот кривичен совет на судот, за да му го укинат притворот на тогашниот бегалец Сеад Кочан. Врховниот суд ја донесе таа одлука на барање на редовното обвинителство, иако предметот „Труст“ во кој се гонеше Кочан е на СЈО. Но, повторно, оваа точка е одложена за наредна седница. Одложувањето го побарал новиот член на судскиот совет, Миљазим Мустафа, кој е избран по предлог на претседателот Стево Пендаровски. Причината е што, како нов член, сакал да се запознае со случајот.