Според министерот за внатрешни работи, новата интерпелација за него не е израз на грижа за државата, туку евтин политички обид да се закочи процесот на расчистување со криминалот, корупцијата и долгогодишната неказнивост која, како што наведува, ја практикувале денешните партнери на Левица – СДСМ и ДУИ
Министерот за внатрешни работи (МВР), Панче Тошковски, попладнево преку објава на социјалните мрежи реагира на интерпелацијата што денеска за него до Собранието ја поднесе пратеничката група на партијата Левица, наведувајќи дека со ваквиот потег била разоткриена коалицијата на оваа партија со Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Според министерот, денешниот ден ја разоткрил коалицијата меѓу трите опозициски партии, кои, како што вели, наводно различни и спротивставени, денеска синхронизирано и координирано ги насочиле сите свои сили кон него.
„На пратеничките прашања СДСМ повторно со своето папагалско повторување на зборот оставка и ДУИ со своите традиционални измислени етнички прашања, а Левица со поднесувањето на нова интерпелација. Три партии, наводно различни и наводно спротивставени, денес повторно усогласени и координирани за една единствена цел. Левица ја најави третата интерпелација против мене за помалку од две години. Како и претходните две и оваа повторно беше најавена преку режирана прес-конференција, повеќе со евтин политички настап отколку со суштински аргументи. Но, како и да е сакам една работа да биде целосно јасна“,
вели Тошковски.
Образложувајќи, тој вели дека интерпелацијата е демократско право на опозицијата и тој тоа право ќе го почитува, и аргументите со подносителот, додава, ќе ги соочи во Собранието, јавно, пред сите пратеници и пред граѓаните. Во Собранието, наведува министерот, секој ќе има можност да каже што мисли, а одлуката, посочува, ќе ја донесат избраните претставници на народот, согласно сопствената совест и одговорност.
Но, како што посочува во објавата на Фејсбук, не може да го премолчи она што, според него на граѓаните им е одамна јасно, а тоа е дека Левица, свесно или несвесно, станува најкорисниот сојузник на СДСМ и ДУИ. Алудирајќи на партијата Левица, Тошковски вели дека луѓе што никогаш не раководеле со институција и не понеле реална одговорност денес држат лекции за тоа како се води МВР.
„Истите тие партии против кои со години градеа имиџ на алтернатива и ветуваа поинаква политика, денес практично ги бранат преку напади кон секој што се обидува да воведе ред, одговорност и функционирање на системот. Лесно е од опозициска клупа да се пишуваат интерпелации и да се држат прес-конференции. Но многу потешко е да се води институција, да се носи одговорност, да се донесуваат одлуки и да се штити безбедноста на граѓаните. Луѓе кои никогаш не раководеле со институција, не управувале со буџет и не понеле реална одговорност, денес држат лекции за тоа како се води Министерството за внатрешни работи“,
вели министерот за внатрешни работи.
Вистината, додава тој, е дека Левица го достигнала својот политички максимум без зад себе да остави ниту еден конкретен резултат, ниту една реализирана реформа и ниту едно решено прашање, па затоа сега, кога граѓаните сè појасно го препознаваат нивното политичко лице и кога нивната поддршка опаѓа, единственото што им останува е агресивна политичка конфронтација и создавање вештачки кризи.

Според Тошковски, новата интерпелација за него не е израз на грижа за државата, туку евтин политички обид да се закочи процесот на расчистување со криминалот, корупцијата и долгогодишната неказнивост која, како што наведува, ја практикувале денешните партнери на Левица – СДСМ и ДУИ.
„Затоа што кога системот конечно почнува да функционира, најмногу се вознемируваат токму оние што со години профитирале од неговото нефункционирање. Не се напаѓа оној што е неважен, се напаѓа оној што менува нешто. Јас ќе продолжам да работам, ќе продолжам да се борам со аргументи и со резултати. А конечниот суд, како и секогаш, ќе го дадат граѓаните“,
вели министерот за внатрешни работи на крајот од објавата.
Опозициската Левица, како што соопшти нејзиниот лидер Димитар Апасиев денеска на прес-конференција, ја поднесува интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поради, како што наведе, саботирање истраги, селективна правда, непрофесионално работење на полицијата и судир на интереси. Според Апасиев, проблемите во МВР оваа година не само што не се решиле, туку и се наталожиле, а институцијата станала приватна партиска полиција.
Тој посочи дека интерпелацијата е поделена во 17 точки, групирани во шест области. Кажа дека очекува жестока дебата и поддршка од опозицијата кога интерпелацијата ќе биде на дневен ред.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите информира дека интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи е доставена во Собранието и ќе биде испратена до сите пратеници, а на дневен ред ќе се најде согласно роковите утврдени во Деловникот на законодавниот дом.
