„Нема да дозволам несовесно и небезбедно градење во Центар. Безбедноста на граѓаните е и ќе остане мој врвен приоритет“, порача градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски за време на увидот на градилиштето со деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски
Oпштина Центар информира дека согласно насоките од Градежниот факултет при УКИМ, денеска започнало затрупување и обезбедување на земјиштето од градилиштето на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ каде што пред неколку дена настана свлечиште. Целта, како што велат оттаму, е да се спречат дополнителни ризици.

„Денеска сум на терен на булеварот ‘Теодосиј Гологанов’, заедно со деканот на Градежниот факултет, стручни лица и инспекциските служби на Општина Центар, каде што активно се спроведуваат мерки за стабилизација и обезбедување на просторот по свлечиштето на градилиштето. Нема да дозволам несовесно и небезбедно градење во Центар. Безбедноста на граѓаните е и ќе остане мој врвен приоритет“,
изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Од Општина Центар посочуваат дека нивните инспекциски служби и натаму остануваат на терен и продолжуваат со надзорот и постапувањето, а најавуваат и дополнителни мерки против инвеститорот и изведувачот.
„Не смее да има компромис кога се загрозува безбедноста на граѓаните“,
посочија од Општината.
