Прославата на Курбан Бајрам почнува 70 дена по првиот Бајрам во годината – Фитр Бајрам, и го одбележува денот кога е комплетиран светиот Куран. Со овој празник се крунисува аџилакот, кој важи за еден од петте темели на исламот, како доказ за солидарност и благосостојба
Верниците од исламска вероисповед денеска го слават празникот Крубан Бајрам, вториот најголем празник на муслиманите по Фитр Бајрам. Празник трае три дена, а на првиот се изведува молитвата Бајрам – Бајрам намаз, со која верниците бараат милост од Алах.

Она што е карактеристично за овој празник е што се принесува жртва – курбан, чија симболика е приближување кон Бога. Како курбан најчесто се принесуваат овни и телиња. Обичајот го изведуваат сите кои имаат можност, а тие кои принеле жртва, потоа им раздаваат од месото на сиромашните, соседите и на роднините.
Прославата на Курбан Бајрам почнува 70 дена по првиот Бајрам во годината – Фитр Бајрам, и го одбележува денот кога е комплетиран светиот Куран. Со овој празник се крунисува аџилакот, кој важи за еден од петте темели на исламот, како доказ за солидарност и благосостојба.
По повод празникот, поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул улема ефенди Шаќир Фетаи вчера упати порака до верниците, осврнувајќи на аџилакот и пренесувањето жртва – курбан, посочувајќи на нивното значење.
„Во деновите на овој празник, милиони верници, со непоколеблива вера и висока свест, ја извршуваат обврската Хаџ за да го исполнат петтиот столб на исламот, сведочејќи во пракса за силата на верата и нивната посветеност кон Возвишениот Господ со зборовите: „Ти се одѕиваме, Господару наш, Ти се одѕиваме!“ Навистина, денес во благословената Каба, во долината Арафат и на другите свети места, верниците сведочат дека нивната цел е љубовта кон Алах, кон самите себе и кон човекот“,
рече Фетаи во честитката.
На овој ден, посочи тој, верниците ја извршуваат божествената обврска на принесување курбан, сведочејќи во пракса дека богатството е дар од Бога, додавајќи дека, богатството не е цел на животот, туку средство за постигнување на неговите цели – верата, грижата за себе, за човекот, за сиракот, за сиромавиот, за знаењето и за човечката благосостојба.
„Затоа, празникот Курбан Бајрам, преку курбанот, гради конструктивна, умерена и мудра личност, посветена на доброто, солидарна, мирољубива и во секој момент внимателна за општото добро“,
рече Фетаи.

Тој во честитката вели дека овој празник го прави верникот свесен да ги оттурне од себе омразата, љубомората, агресивноста, потценувањето, дискриминацијата и поделбите.
„Тој симболизира висока свест за Создателот, грижа за здравото семејство, блискост меѓу луѓето, мудрост во постапките, љубов кон блиските, родителите и семејството, зацврстување на меѓучовечките врски, избегнување конфликти меѓу државите и народите, како и ширење мир, толеранција и солидарност за издигнување на поединецот, семејството и општеството во целина. По повод овој голем празник, ја користам оваа прилика, во име на Исламска верска заедница на РСМ и во мое лично име, да ви ги упатам најискрените и најсрдечните честитки до сите верници, нашите семејства, како и до нашите сонародници каде и да живеат. Честит Курбан Бајрам!“,
истакна поглаварот во честитката по повод празникот.
