Хрватскиот премиер порача дека неправдата врз Македонија во изминатите години во однос на нејзиниот европски пат нема никакво оправдување, оценувајќи ги за неблагодарни блокадите со кои се соочува во процесот
Волни сме да помогнеме да се забрза процесот за членство на Македонија во Европската Унија – изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Охрид, говорејќи за закочените евроинтеграции на земјава.

Пленковиќ рече дека неправдата врз Македонија во изминатите години во однос на нејзиниот европски пат нема никакво оправдување, оценувајќи ги за неблагодарни блокадите со кои се соочува во процесот.
„Хрватска е конзистентна и ве поддржува од првиот ден на некој начин. Се сеќавам на тие моменти, во 2000-те години кога Хрватска беше чекор зад вас, а сега сме членка на Европската Унија. За оваа ситуација која е неправедна и која бара тие процеси да се одблокираат и да се направат клучни чекори за членство ќе настојуваме да ви помогнеме. Неправдата врз Македонија нема никакво оправдување за патот на земјата. Многу го ценам ентузијазмост за членство во Унијата и покрај сите блокади кои се неблагодарни“,
изјави Пленковиќ на зедничката прес-конференција со Мицкоски, оценувајќи дека македонската влада напредува многу добро во исполнувањето на критериумите за членство во ЕУ.
Во однос на писмото на германскиот канцелар Фридрих Мерц до лидерите на ЕУ, со кое повика на иновативни решенија за забрзување на процесот на проширување, ставајќи посебен фокус на Украина, но и на земјите од Западен Балкан и Молдавија, хрватскиот премиер изјави:
„Ова не е неочекувано, туку е плод на повеќемесечни размислувања кои се долго присутни. Ние разговаравме за тоа на самитот што го имавме во Загреб. Беше јасно дека очекувањата кои се во тоа писмо се однесуваат на европската перспектива. Дадени се политички сигнали кон Украина за приспособено членство кое приближно одговара на полноправното членство. Во тоа писмо се спомнуваат и други земји од Југоисточна Европа за кои треба да се најде решение. Позицијата на Хрватска е многу јасна. Ако се откажеме од концепцијата на т.н. индивидуални заслуги за секоја земја посебно, ако се прават некакви кратенки, односно пократки патишта, или ако се трансформира перспективата за членство – во овој случај најмногу за Украина, тогаш мораме да гледаме како тоа се однесува и на сите други. Значи, не може да има кратенки за едни, а бавност за други. Тоа е првата позиција.“
Мицкоски: Нема повеќе можности за идентитетски отстапки
Говорејќи за евроинтеграцискиот пат на земјава, премиерот Христијан Мицкоски рече дека и покрај билатералните спорови и булингот што земјава го трпи од Бугарија, актуелната влада нема да прави идентитетски отстапки.

„Ние не губиме надеж и енергија, туку напротив, ќе продолжиме силно да работиме. Очекуваме дека ќе ја добиеме таа шанса да бидеме дел од тоа семејство, но нема повеќе можности за идентитетски отстапки и за чекор назад кога станува збор за нашите национални одредници. Ако е тоа цената што треба да ја платиме, и покрај тоа што сме вистинскиот фронтранер, оваа влада е подготвена да ја плати. Ќе чекаме некои други подобри времиња. Ако билатералните процеси се тие што треба да му судат на нашиот европски пат тогаш ќе се бориме на друг начин“,
рече Мицкоски на заедничката прес-конференција со Пленковиќ.
Премиерот рече дека членство во ЕУ останува стратешка цел на земјава, но за разлика од претходната влада, како што посочи, стратегијата на актуелната власт е сосема поинаква. Фокусот, како што рече, ќе биде ставен на испораката на реформите кои се дел од Планот за раст и Реформската агенда.
„Во јануарскиот извештај на ЕК ние сме вистинските фронтранери, а најголемиот дел од средствата кои ги дава ЕК на земјите од Западен Балкан ќе бидат исплатени кон нашиот буџет. Очекуваме оваа динамика да биде и со следниот полугодишен извештај кој завршува во јуни. Нашата стратегија е да ги завршиме реформите дома бидејќи тие ни требаат нам како држава. Она што сме подготвени да го испорачаме е и Акцискиот план за малцинство, кој го работевме заедно со Брисел и со експерти номинирани од Брисел и тој е готов. Чекаме зелен сигнал од страна на Брисел да помине на владина седница“,
додаде Мицкоски.
Пред заедничката прес-конференција, македонскиот и хрватскиот премиер потпишаа договор за стратешка соработка помеѓу двете земји.
