Според американскиот претседател, евентуалниот договор значително ќе се разликува од Заедничкиот сеопфатен план за акција постигнат за време на администрацијата на Барак Обама
Државниот секретар Марко Рубио потврди дека разговорите продолжуваат и дека е потребно време за одговор од иранска страна
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека договорот за завршување на конфликтот со Иран е блиску, но дека Сoединетите Американски Држави (САД) нема да брзаат со негово финализирање, пренесува Си-ен-ен.
Сепак, како што посочува, американската блокада на иранските пристаништа во Ормускиот Теснец ќе остане во сила сè додека не биде постигнат и потпишан конечен договор меѓу Вашингтон и Техеран.

„Американската блокада на иранските бродови во Ормускиот Теснец ќе остане целосно во сила сè додека договорот не биде постигнат, заверен и потпишан“,
напиша Трамп на социјалната мрежа Трут соушл.
Според него, двете страни треба да одвојат време за процесот да биде завршен правилно.
Во меѓувреме, високи претставници на американската администрација соопштија дека преговарачите би имале рок од 60 дена за постигнување конечен договор.
Од Иран засега нема официјален одговор, но иранската агенција, која се смета за блиска до Револуционерната гарда, објави дека САД и натаму блокираат делови од можниот договор, особено барањето на Техеран за ослободување на замрзнатите средства.
Трамп ден претходно изјави дека Вашингтон и Техеран во голема мера усогласиле меморандум за разбирање, кој би требало да претставува основа за мировен договор и повторно отворање на Ормускиот Теснец, една од најважните рути за глобалниот транспорт на нафта и течен природен гас.
Според американскиот претседател, евентуалниот договор значително ќе се разликува од Заедничкиот сеопфатен план за акција постигнат за време на администрацијата на Барак Обама.
„Ако склучам договор со Иран, тој ќе биде добар и правилен, а не како оној што го склучи Обама, кој му даде на Иран огромни количини пари и јасен и отворен пат до нуклеарно оружје. Нашиот договор е токму спротивното, но никој не го видел, ниту знае што е. Сè уште не е ниту целосно договорен. За разлика од оние пред мене кои требаше да го решат овој проблем пред многу години, јас не склучувам лоши договори!“,
вели тој.
Државниот секретар Марко Рубио потврди дека разговорите продолжуваат и дека е потребно време за одговор од иранска страна.
Кревкото примирје е во сила од почетокот на април, но меѓу двете страни и понатаму постојат сериозни несогласувања околу повеќе клучни прашања. Меѓу нив се нуклеарната програма на Иран, израелската воена операција во Либан против проиранското движење Хезболах, како и барањето на Техеран за укинување на санкциите и ослободување на десетици милијарди долари приходи од нафта кои се замрзнати во странски банки.
