Ваквите случувања доаѓаат откако апелациониот суд минатиот четврток ја поништи победата на Озгур Озел на внатрепартиските избори од ноември 2023 година
Турската полиција денеска насилно упадна во седиштето на главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) во Анкара, претходно употребувајќи солзавец и гумени куршуми за да ги растера поддржувачите и партиските функционери кои три дена беа забарикадирани во зградата. Внатре во партиското седиште се наоѓал и лидерот на партијата, Озгур Озел, заедно со неговите приврзаници, кои првично се обиделе да пружат отпор со противпожарни апарати, но брзо биле совладани, при што бил уништен дел од инвентарот на објектот.

Ваквите случувања доаѓаат откако апелациониот суд минатиот четврток ја поништи победата на Озгур Озел на внатрепартиските избори од ноември 2023 година. Според судската одлука, тој треба да биде заменет од неговиот претходник Кемал Киличдароглу. Адвокатот на Киличдароглу побарал асистенција од полицијата за да се испразни зградата, по што гувернерот на Анкара го одобрил упадот. Откако му била врачена судската наредба за отстранување, која тој демонстративно ја искинал, Озел излегол од седиштето пречекан со овации од поддржувачите. Тој пред присутните кажа дека партијата е под напад затоа што успеала да ја победи владејачката партија на Ердоган (АКП) на локалните избори во 2024 година, по што предводеше марш кон турскиот Парламент.

Овој настан е дел од поширокиот бран правни притисоци врз опозицијата, вклучувајќи го и затворањето на градоначалникот на Истанбул и главен ривал на Ердоган, Екрем Имамоглу, кој е во затвор од минатата година под обвиненија за корупција.
