Мицкоски потенцираше дека во времето кога знаењето било привилегија на малкумина, мисијата на Кирил и Методиј испратила порака која и денес е современа и моќна

Браќата Кирил и Методиј испратиле порака која и денес е современа и моќна – секој народ има право на образование, култура, духовен израз и свој јазик. Народ што не ја познава својата писменост и култура лесно станува туѓ во сопствената историја“, порача премиерот Христијан Мицкоски од свечената академија „Од слово до вечност“, што по повод Денот на сесловенските просветители се одржува во црквата „Света Софија“ во Охрид.
Одбележувајќи го делото на светите браќа, истакна премиерот, денес не се зборува само за двајца просветители од деветиот век, туку за темелот на една цивилизациска идеја – дека човекот е вистински слободен само тогаш кога има право да мисли, учи, создава и да говори на својот јазик.
Мицкоски потенцираше дека во времето кога знаењето било привилегија на малкумина, мисијата на Кирил и Методиј испратила порака која и денес е современа и моќна.
„Тоа е победа на светлината над темнината, победа на знаењето над покорувањето. Народ што не ја познава својата писменост и култура, лесно станува туѓ во сопствената историја. Тоа не е само историска поука, ова е и современо предупредување“,
додаде претседателот на Владата.
Премиерот посочи дека во ера на огромен технолошки напредок, дигитализација и вештачка интелигенција, човештвото се соочува со нови опасности – површност и духовно осиромашување. Според него, токму затоа денес е повеќе од потребно образование кое ќе продуцира луѓе со вредности и карактер, а не само со дипломи.
„Вистинското образование не е акумулација на информации, тоа е способност на човекот да разликува вистина од манипулација, вредност од привид. Образованието е најмоќното оружје со кое можеме да го промениме светот, а и најсилниот штит со кој еден народ ја брани својата иднина“,
порача Мицкоски од Охрид.
