Нивното наследство останува трајна инспирација за зачувување на универзалните вредности на знаењето, дијалогот и почитувањето меѓу народите – се дел од пораките што државниот и политичкиот врв ги упати по повод Денот на светите браќа Кирил и Методиј

Во време на неизвесност, длабоки поделби и сѐ поизразена отуѓеност, денешниот ден нѐ потсетува дека без култура, образование и наука, но и без вредносен систем, ниту едно општество не може да изгради меѓусебна доверба и заедништво. Ова е дел од пораката што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја упати по повод Денот на светите браќа Кирил и Методиј.
„Нивниот подвиг не се состои само во создавањето на азбуката, туку во отворањето можност словенскиот човек, сопствената мисла, вера и културна самосвест да ги артикулира на јазикот што го разбира и чувствува како близок и свој, борејќи се за него и бранејќи го. Јазикот не е само збир на зборови, туку и колективна меморија, вредносен код и чувство на припадност што еден народ ги пренесува низ времето, од генерација на генерација“,
вели Сиљановска-Давкова.
Собранискиот претседател Африм Гаши, во честитката за Денот на светите браќа Кирил и Методиј, вели дека нивното наследство останува трајна инспирација за зачувување на универзалните вредности на знаењето, дијалогот и почитувањето меѓу народите.
„По повод 24 мај – Денот на Светите Кирил и Методиј, изразувам почит и благодарност кон двајцата просветители, кои со својата мисија ги поставија темелите на писменоста, образованието и духовниот и културниот развој на словенските народи. На овој значаен ден, ја потврдуваме нашата посветеност кон образованието, културата и соработката, како вредности што градат демократски и напредни општества. Оваа година, Денот на Светите Кирил и Методиј го одбележуваме во Ватикан, каде што ја предводам државната делегација на Република Северна Македонија на традиционалниот настан во чест на Свети Кирил“,
се додава во честитката на Гаши.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вели дека мисијата на браќата Кирил и Методиј има непроценлива улога во промовирањето на стремежот за еднаквост на народите и рамноправност на јазиците, но и во создавањето на македонската писменост.
„Денес, кога се шират измислени и лажни закани за македонскиот јазик и идентитет, важно е да потсетиме дека никој не може да го загрози она што е меѓународно потврдено. Благодарение на државничките одлуки на СДСМ, македонскиот јазик е признат и рамноправен во Европската Унија. Македонскиот идентитет е потврден. Тоа се факти кои не може да ги избрише ниту една дневнополитичка манипулација“,
истакнува Филипче.
Светите Кирил и Методиј, се вели во честитката, нè учеа дека напредокот доаѓа преку знаење, просветителство и отвореност кон светот. Токму затоа нашата обврска денес е да го чуваме и унапредуваме македонскиот јазик, но и да обезбедиме европска иднина за младите генерации.
„Делото на Светите Кирил и Методиј е длабоко вкоренето во македонската национална историја и културниот идентитет. Нивната просветителска мисија не познава граници, затоа што тие ги поставија темелите на писменоста, образованието и духовните вредности што и денес нè обединуваат“,
се вели во честитката од ВМРО-ДПМНЕ.
Овој голем празник, додаваат од партијата, нè потсетува на нашата обврска достојно да го чуваме и да го негуваме македонскиот јазик, да ја почитуваме традицијата, да вложуваме во образованието и да го пренесуваме ова бесценето наследство на идните генерации.
„Нивното дело претставува еден од најзначајните темели на словенската цивилизација, култура и образование. Со создавањето на првата словенска азбука, глаголицата, Светите браќа Кирил и Методиј, овозможија ширење на словото Божјо на разбирлив и народен јазик, отворајќи пат кон писменоста, просветата и духовниот развој на словенските народи“,
се вели во честитката.
Од Министерството за образование и наука во честитката велат дека како мисионери и учители, Кирил и Методиј оставија траен белег врз духовниот, културниот и образовниот развој на словенските народи. Нивното дело и денес нè поттикнува да го чуваме јазичниот и културниот идентитет, но и постојано да вложуваме во знаењето и просветата.
„Продолжувајќи ја нивната мисија, наша обврска е да градиме силен образовен систем што ќе создава генерации со знаење, критичко размислување, креативност и чувство на заедништво. Да го почитуваме сопственото наследство, но и да бидеме отворени кон другите култури. Да втемелиме општество засновано на доверба, солидарност и соработка“,
се вели во честитката од МОН.
