Во текот на само едно деноноќие полицијата регистрираше серија инциденти во кои жртви се сопруги, мајки и малолетни деца
Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше оти во изминатото деноноќие се регистрирани вкупно пет пријави, при што три лица се приведени поради агресивно однесување кон членови на потесното семејство.

Најголемиот дел од инцидентите се однесуваат на партнерско насилство, односно во скопскиот регион, полицијата го уапсила 50-годишниот И.И. откако неговата 46-годишна сопруга пријавила дека по претходна расправија била физички нападната во нивниот семеен дом. Во друг, одвоен случај во главниот град, 33-годишна жена пријавила физички напад од нејзиниот 39-годишен сопруг.
„Утрово во 06:00 часот, полициски службеници од ОВР Неготино го лишиле од слобода И.А.(18) од Неготино, постапувајќи по претходна пријава од неговата 36-годишна мајка, дека физички ја нападнал и ѝ се заканувал на неа и на неговиот малолетен брат. Тој бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и Центар за социјални работи Неготино“,
велат од МВР.
Во виничко село, полициските службеници го лишиле од слобода 37-годишниот Н.П кој во содејство со неговата мајка, во семејниот дом физички ја нападнал својата 22-годишна сопруга. Од Министерството за внатрешни работи потенцираат дека интензивно се преземаат мерки за расчистување на сите наведени случаи и оти откако настаните ќе бидат целосно документирани, против насилниците ќе следуваат соодветни кривични или прекршочни пријави.
