Од опозициската партија обвинуваат оти јавниот превоз во главниот град е во тотален хаос и оти целосно пропаднале ветувањата на челниците на ВМРО-ДПМНЕ оти ќе се обезбедат нови автобуси откако вчера беше објавено дека е прекината јавната набавка за 150 електрични автобуси и полначи од унгарската „Икарус“ и ЕВН
Политичката партија Левица упати жестоки критики до владејачката ВМРО-ДПМНЕ поради прекинувањето на јавната набавка за нови автобуси за потребите на главниот град. Оттаму велат дека поради личните каприци и пресметки со градоначалничката Данела Арсовска, советниците на ВМРО-ДПМНЕ во претходниот мандат намерно го блокирале Советот на Град Скопје, свесно саботирајќи ја набавката на возила што самите претходно ја ветуваа пред граѓаните.
„По парламентарните избори во 2024 година, премиерот Христијан Мицкоски најави дека не Градот Скопје, туку Владата ќе ги набави новите автобуси и дека тие ќе дојдат во октомври 2025 година. Откако пропадна првиот тендер, Мицкоски ретерира и најави нови автобуси во март оваа година“,
велат оттаму.
Од Левица велат и оти на последната седница на Советот на Град Скопје, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски воодушевено говорел дека не видел поубав автобус од оној на унгарскиот производител „Икарус“ и уверувал дека тие ќе пристигнат за еден месец. Но, како што велат оттаму, вчерашните медиумски написи дека пропаднал и овој втор тендер со унгарската компанија значат дека Скопје нема да добие нови автобуси ниту во текот на оваа година.
„Поради неспособноста на вмровските властодршци, скопјани секој ден чекаат автобус што не доаѓа, се туркаат во нефункционални возила и губат часови од својот живот поради тоталниот колапс на јавниот превоз, додека градоначалникот Орце со месеци го крие штетниот договор кој ЈСП го склучи со фирмата ‘Маратон’“,
кажаа од Левица.
Инаку вчера Државната комисија по жалби за јавни набавки донесе решение за поништување на тендерот за електрични автобуси и полначи, а на кој за најповолна беше избрана заедничката понуда на унгарската компанија „Електробус – Икарус“ и на австриска ЕВН. Одлуката на Комисијата е донесена по службена должност, а информацијата денеска ја потврдија од Министерството за транспорт.
