Според деталите што ги сподели Обвинителството, осомничениот 76-годишник не се придржувал кон прописите додека го управувал товарното возило по обиколницата, со што го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето
Во сообраќајната несреќа животите ги загубија четири лица, меѓу кои и баритонот Ристе Велков и неговиот син
Основно јавно обвинителство Скопје отвори истрага и бара притвор за косовскиот државјанин во врска со сообраќајната несреќа што вчера доцна вечерта се случи на скопската обиколница и во која животот го загубија четири лица.

Како што информираа доцна вечерва од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, косовскиот државјанин е осомничен за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик (КЗ).
Според деталите што ги сподели Обвинителството, осомничениот 76-годишник не се придржувал кон прописите додека го управувал товарното возило марка „ман“, со прикачена полуприколка, додека се движел по северната обиколницата на главниот град на земјава, во насока од запад кон исток.
Со тоа, како што се наведува, го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето.
Имено, од Обвинителството информираат дека кога осомничениот дошол во близина на клучката „Мирковци“, не ја приспособил брзината на движењето на камионот според својствата и состојбата на патот, густината на сообраќајот и другите услови, за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка што под дадени услови можел да ја предвиди.
„Во еден момент изгубил контрола над возилото и свртел во лево, по што удрил и ја пробил металната одбојна ограда и продолжил со движење, преминувајќи на коловозот од автопатот наменет за движење на возилата од спротивната насока, каде во него со предната страна удрил автомобил ‘бе-ем-ве’ кој се движел во насока од исток кон запад. По ударот автомобилот и камионот се запалиле. Во несреќата на лице место починале четворицата патници во патничкиот автомобил“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител, додаваат оттаму, до судија на претходна постапка доставил предлог на осомничениот косовски државјанин да му се определи мерка притвор, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство и повторување на делото.
Сообраќајната несреќа, која ја вознемири јавноста, се случи синоќа околу 23 часот на скопската обиколница во делот помеѓу надвозникот кај Визбегово и клучката Мирковци. Во соопштението на Министерството за внатрешни работи беше споделено дека се загинати 51-годишниот Р. В. и двајца 20-годишници, А. В. и П. М., но оти идентитетот на четвртото лице не беше познат.
Кратко потоа беше познато дека меѓу починатите е баритонот и првенец на Националната опера и балет (НОБ), Ристе Велков, како и неговиот син.
Четвртата жртва во сообраќајната несреќа беше идентификувана подоцна, по што од МВР соопштија дека станува збор за 20-годишниот скопјанец М. Ѓ.
